Бангиевски: Д-р Митрев е врвен лекар со сопствена болница и никој не би смеел да си дозволи тенденциозност во постапувањето или пресудувањето

од Nikola Popovski

Денеска во Кривичниот суд продолжи судскиот случај против докторот и клиниката „Жан Митрев“. Предметот е оформен по допрен глас, откако ИРЛ минатата година го објави документарец „Нечиста крв“, во кој обелодени дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми на пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје. Адвокатскиот тим на Митрев побара одложување на судењето поради тоа што не им биле доставени сите докази од листата на докази од јавното обвинителство и побара дополнителен рок од 20 работни денови за да извршат увид во доказите и 10 работни денови за подготвување на одбраната. На ова реагирааше обвинителката, која смета дека одложувањето е да се одбегне почнување на расправата поради, како што вели, страв од доказите.

И додека дел од граѓаните кои ги загубија своите најблиски поради методот ја бараат правдата, други кои успеале да се излечат го сметаат д-р Митрев за херој и му даваат голема поддршка. Адвокатот Владо Бангиевски во разговор за „Локално“ вели дека не сака да верува дека се работи за заговор против докторот.

-Сепак Д-р Митрев е врвен лекар со сопствена болница и тука никој не би смеел да си дозволи тенденциозност во постапувањето или пресудувањето, дециден е Бангиевски.

Владо Бангиевски

Според него, одбраната мора да има и доволен пристап и доволно време за подготовка.

-Еднаквоста на оружјата во текот на кривичната постапка е основен принцип на Законот за кривична постапка и сите ограничувања кон одбраната на обвинетиот мора да бидат строго законски засновани! Ова се со цел да нема никаков сомнеж и во стручната фела и во јавноста за било каква тенденциозност, бара Бангиевски.

Порачува дека во вакви постапки – кривични или граѓански, од клучно значење е утврдување на причинско – последичната врска, односно каузалитетот од кој ќе може со сигурност да се утврди дали користењето на определена медицинска метода при лекување на одредена патолошка состојба кај пациентот или пациентите довела до влошување на здравствената состојба или евентуална смрт.

-Тоа се тешки обвиненија кои не смеат да поминат „туку – така“ односно било што и да се утврди мора да биде поткрепено со неспорни и очигледни докази. Претпоставувам дека, во текот на оваа постапка, од клучно значење ќе бидат вештите наоди и мислења на експерти од оваа област и практично нивното мислење ќе биде клучно за донесување на соодветна кривична пресуда. Останува да почекаме и да видиме што понатаму ќе се случува при изведувањето на доказите во текот на кривичната постапка, истакнува адвокатот.

Тука паушализми не се дозволени, посочува Бангиевски, бидејќи како што вели, се работи за живот и за здравје на граѓани.

-Обично сите мислења на граѓаните во врска со користењето на оваа метода треба да се земат со резерва, бидејќи субјективниот момент е исклучително присутен кај пациентите. Секако мора да се докаже во текот на постапката дека применетата метода директно влијаела врз подобрување или влошување на нечие здравје на некој пациент врз кого била применета. Ќе повторам уште еднаш – тука паушализмот треба да биде максимално исклучен, апелира соговорникот.

Н.П.

Слични содржини