Бангиевски за евентуална тужба од семејството на Росица: Државата треба да го изгуби случајот и оштетените да добијат соодветна сатисфакција

Адвокатот Бангиевски за „Локално“: Институциите мора да си ја вршат својата работа за која се платени од граѓаните - вклучувајќи го и правото на лична заштита, кое во овој случај не е заштитено

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Владимир Бангиевски

Во вакви и слични случаи државата треба да го изгуби случајот и оштетените да добијат соодветна сатисфакција, вели во разговор за „Локално“, адвокатот Владо Бангиевски откако во јавноста се прошири темата дали семејството на трагично усмртената Росица Коцева и нејзиниот татко од Велес има право да ја тужи државата заради неисполнување на обврските за заштита на жртвите од насилство.

Прва вчера која се огласи за ваквата дилема беше професорката и екс-министерка за правда, Рената Дескоска, која објави пример како Европскиот суд за човекови права пресудил дека Италија ги прекршила член 3 (забрана за нечовечно или понижувачко постапување) и член 8 ( право на приватен и семеен живот).

-Ја видов изјавата на професорката Дескоска и можам да кажам дека во целост ја поддржувам. Институциите мора да си ја вршат својата работа за која се платени од граѓаните – вклучувајќи го и правото на лична заштита, кое во овој случај не е заштитено од страна на институциите надлежни за тоа. И ова не е прв ваков случај. Слични сме имале и други, истакнува Бангиевски.

Соговорникот е дециден дека роднините на Росица и татко ѝ имаат право на надомест на нематеријална штета за душевен бол поради смрт на блиско лице, од државата – а заради непреземање на соодветни мерки од страна на институциите за заштита на жртвата.

„Локално“ вчера поразговара и со адвокатот Јасмин Калач. Тој го дели мислењето дека семејството има можност да поднесе тужба против државата и да бара надомест на штета доколку се докаже дека институциите пропуштиле да го заштитат правото на живот и слично. Истанува дека Европскиот суд има пресуди во кои државите се прогласени за одговорни во вакви ситуации.

Случајот „Росица“ отвора правни прашања: „Семејството може да поднесе тужба против државата и да бара оштета доколку се докаже дека институциите пропуштиле да го заштитат правото на живот“

Неколку невладини организации денеска повикаа на нов протест и блокада кај паркот „Жена борец“ во Скопје поради „колективниот крах на системот кој дозволува да се случува континуирано насилство врз жени што доведува до фемициди“.

-Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно – да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот. Не се потребни ниту експертиза, ниту професионално искуство – доволни се животното искуство, тагата и гневот кои сите ги чувствуваме. Преку размена во јавен простор да го канализираме нашиот колективен гнев и заедно да дискутираме за решенија наспроти институциите кои ги загрозуваат нашите животи, стои меѓу другото во нивниот апел.

Неколку години траело насилството врз 31-годишна Росица Коцева од страна на скопјанецот, 39-годишниот Илија Стефановски, кој на 15-ти септември среде бел ден, смртно ја избоде во центарот на Велес, во близина на нејзината семејна куќа. Од неговата рака смртно настрада и таткото на младата девојка, 68-годишниот Киро Коцев. Според истрагата, неговото убиство било прво од крвавиот пир што ја потресе јавноста, а завршило со самоубиство, момчето искрвавело до смрт од сопствените убоди во вратот. Девојката го запознала Стефановски по враќањето во родниот град од Софија, каде студирала. Според жителите кои ја познаваат младата жртва, насилното момче буквално не ја оставало да дише.

Н.П.