Барањата на специјализантите ќе се решаваат веднаш по изборите, најавија од Владата

од Nikola Popovski
161 прегледи

На 15. седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство, во врска со специјализантите по медицина, кои со сопствени средства ја плаќаат специјализацијата, а кои се работно ангажирани со договор на дело во универзитетската клиника во којашто ја извршуваат специјализацијата.

„Имајќи го предвид значењето за специјализантите, но и за граѓаните и за здравствениот систем на Република Северна Македонија, за целосно решавање на нивниот статус, Владата донесе одлука, согласно закон, а веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности. Владата, во активна соработка со специјализантите, досега покажа огромна грижа за унапредувањето на нивниот статус и е одлучна да продолжи во оваа насока, кон решавање на сите прашања од нивен и јавен интерес, во функција на здравјето на граѓаните. Како што е констатирано на седницата, во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар, со оглед дека дотогаш, тие немаа финансиски надоместок за ангажманот, а ниту една влада претходно не покажа слух и капацитет да почне со решавање на нивниот работен статус. Во изминативе неколку години, значително се покачени платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и е вратено достоинството на сите здравствени работници и соработници“, се вели во соопштението на Владата.

Приватните специјализанти продолжија со штрајкот. И вчера наутро наместо во амбулантите и операционите сали се собраа во паркчето на Клинички. Револтирани се од етикетирањето на министерот за здравство, кој завчера рече дека овој штрајк има политичка позадина. Бараат покачување на нивните плати кои во моментот изнесуваат 26.000 денари, здравствено осигурување и да добијат договор за вработување.

Демири побара трпение од приватните специјализанти. Најави дека по изборите ќе направи напори со ребаланс на Буџетот да се обезбеди изедначување на нивните примања со примањата на вработените специјализанти во јавните здравствени установи.

Слични содржини