Барањето за Леонид е одбиено бидејќи се работи за рехабилитација, а не лекување во странство, велат од ФЗО

од Nikola Popovski

Барањето на осигуреното лице Б. И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор, велат од ФЗО преку соопштение откако во јавноста проструи информацијата дека на младиот Леонид му било одбиено барањето да се лекува во Виена, Австрија.

Оттаму велат дека според Законот за здравственото осигурување, осигуреното лице може да користи болничко лекување во странство со одобрение на Фондот, само ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во државата, а во земјата во која осигуреникот се упатува постои можност за успешно лекување на тоа заболување.

-Според одредби од Правилникот за начинот на користење на болничкото лекување на осигурените лица во странство, осигуреното лице на кое клиничкиот конзилиум од соодветната Универитетска клиника во Скопје му издал предлог за упатување на лекување во странство со цел спроведување на специјализирана медицинска рехабилитација, како што е и во конкретниов случај, нема право на надомест за трошоците на товар на Фондот.

Според сето ова, Фондот и лекарските комисии одлуката за осигуреникот Л.И. ја донеле во согласност со горенаведените законски прописи, стои во соопштението.

Леонид пред две недели беше првиот пациент кој беше испратен на лекување во Виена со камери и специјален хеликоптер. Тој минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен, па дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите. За него во неколку наврати се собираа донации за да може да се извршат потребните операции во Солун, но и за да го продолжи лекувањето.

Претходно заменик-народниот правобранител, Јован Андоновски истакна дека во решението од ФЗО воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија.

Слични содржини