Вархеји, Пленковиќ и Јанша со честитки до Мицкоски и Силјановска-Давкова

од Nikola Popovski

Пристигнуваат честитките на адреса на Гордана Силјановска-Давкова и ВМРО-ДПМНЕ за победата на двојните избори. Честитки за победата испратија голем број политичари од регионот и Европа. Меѓу нив се и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша.

– Честитки за новата претседателка на Северна Македонија! Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Силјановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори, објави Вархеји во честитката на платформата Х.

Силјановска во одговор на објавата му се заблагодари на Вархеји на честитката, изразувајќи подготвеност за соработка во остварување на „најважниот македонски стратешки проект“.

-Честитки до Христијан Мицкоски на убедливата изборна победа за ВМРО-ДПМНЕ. Се радувам за продолжението на одличната соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија, чиј европски пат силно го поддржуваме. И честитам и на новоизбраната претседателка на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, објави Пленковиќ на Х.

-Честитки до нашата сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова за големата победа, објави Јанша на Х.

Гордана Силјановска-Давкова стана првата претседателка на државата во историјата.

Западните медиуми оценуваат дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е „вртење кон десно на земјата која е вечен кандидат за членство во ЕУ, но и израз на незадоволство од корупцијата и тапкање на лице место кога е европскиот пат во прашање“.

Слични содржини