Македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди очекува добро одработени подготовки пред претстојните контролни натпревари во Турција, воигрување на националниот тим, се во насока на пласман на Европското првенство преку настапите во Лигата на нациите.
– Се подготвуваме за нашата најважна работа оваа година, а тоа се натпреварите кои можат да ни донесат пласман на Европско првенство. Мораме да бидеме на високо ниво, ни следуваат два контролни натпревари, но за нас не се обични пријателски дуели, туку начин да што подобро да се подготвиме и тактички и технички за битните натпревари кои ни следуваат. Ќе дадеме се од себе оваа репрезентација да напредува низ дуелите во Лигата на нации, изјави Барди за веб страната на ФФМ.
Македонија ја очекуваат пријателски средби со Финска на 23 март и со Азербејџан четири дена подоцна, кои ќе се одиграат во турскиот туристички центар Анталија.
Со пристигнувањето во Анталија на капитенот Горан Пандев (Џенова), потоа Стефан Ристовски (Спортинг Лисабон), Езџан Алиоски (Лидс Јунајтед) и голманот Столе Димитриоски (Тарагона) ќе се комплетира репрезентацијата, а првиот тренинг селекторот Игор Ангеловски го закажа за 16 часот по македонско време во „Глорија“ спортскиот центар во Белек.