Барди со два пенали го запре Атлетико

од Nikola Popovski

Фудбалерите на Леванте и Атлетико Мадрид одиграа нерешено 2:2 во последниот натпревар од 11. коло на шпанската Примера, при што судијата свирна два пенали против тимот на Симеоне.

Црвено-белите од Мадрид имаа можност да се израмнат со градскиот ривал Реал, Севиља и Бетис на делба на второто место. Во Валенсија водеа до 90. минута, кога судијата Пабло Гонзалес, по консултација со ВАР, досуди пенал за домашната екипа поради играње со рака на еден играч на Атлетико.

Енис Барди беше сигурен од белата точка. Тоа беше втор пенал на македонскиот интернационалец на овој натпревар. Претходно во 37. минута го совлада словенечкиот голман Јан Облак.

Атлетико водеше два пати. Поведе во 12. минута преку Французинот Гризман, па во 76. минута кога Бразилецот Матеус Куња се најде на вистинското место само неколку минути откако влезе во игра.

Пред израмнувачкиот гол на Леванте, судијата го исклучи тренерот на Атлетикo, Диего Симеоне поради приговор.

За тимот од Валенсија ова е само шести освоен бод во 11 одиграни натпревари и се наоѓа на претпоследното место на табелата.

Во следното коло Атлетико Мадрид ќе игра дерби против Бетис, додека Леванте ќе ја пречека Гранада.

 

Слични содржини