Менаџерот на Челси, Томас Тухел, се соочува со големи проблеми во одбранбената линија по заминувањето на двајцата стандардни дефанзивци, Антонио Ридигер и Андреас Кирстенсен, кои им се приклучија на Реал и Барса.
Стоперот на Наполи, Калиду Кулибали неодамна пристигна на „Стемфорд Бриџ“, но се уште не му се ставил на располагање на Тухел. Во меѓувреме пропаднаа преговорите со Манчестер Сити околу Нејтан Аке, а Барса, според сите информации, успеа во последен момент од под носот на Челси да му го „украде“ дефанзивецот на Севиља, Жил Кунде, кој беше на чекор од тимот од Лондон.
Сето ова го принуди Челси да ги прекине најавените заминувања на двајцата искусни дефанзивци Маркос Алонсо и Цезар Аспиликуета во Барселона, пишуваат медиумите во Шпанија.
„Сините“ немаат многу простор за маневрирање по неуспешните доаѓања на Аке и Кунде, се уште не нашле нова опција на пазарот, па одлуката да ги прекине преговорите со Барса околу трансферот на Аспиликуета и Алонсо е сосема логична.
Имаше информации дека Челси во стилот на Барса ќе се обиде да го добие Норди Мукиеле од Лајпциг, кој веќе е на пат за ПСЖ, но ова сценарио не изгледа реално. Промената е можна само доколку „сините“ испратат многу посилна понуда од парижаните кои се подготвени на Мукиеле да му платат 15.000.000 евра.