Барселона го совлада Јувентус со 3 спрема 1 во финалето на Лигата на шампиони што се одржа синоќа на Олимпискиот стадион во Берлин, Германија.
Головите за Барселона ги дадоа Неимар во последната 97. минута, Луиз Суарез во 69. минута и Иван Ракитиќ во 4. минута. Голот за Јувентус го даде Алваро Мората во 55. минута.
Каталонскиот тим ја комплетираше фантастичната сезона со третиот трофеј, по оној во Примера и Купот на кралот.
Уште на стартот составот на Луис Енрике го отвори резултатот кога по акцијата на Нејмар, Иниеста несебично го проигра Ракитиќ, кој ја смести топката во мрежата на Буфон.
Барса можеше да го удвои водството веќе во 13. минута, кога по шутот на Дани Алвеш, Буфон со крајни напори го спаси својот гол.
Италијанскиот тим се обидуваше од контранапади Мората имаше изгледна шанса, сепак неговиот удар заврши крај голот.
На пет минути пред крај на првиот дел Суарез се закани, но малку недостасуваше за уште еден погодок. Уругваецот и на почетокот од вториот дел можеше да се запише во листата на стрелци, а последна пречка беше Буфон. И Меси се обиде, но неговиот шут заврши над противничкиот гол.
Во 55. минута Јувентус стигна до изедначување. Тер Штеген првично го одбрани шутот на Тевез, а одбиената топка во мрежата ја смести Алваро Мората.
Следеше период на „старата дама“ во кој свои шанси имаа Тевез и Погба. Италијанскиот тим беше подобар ривал, Погба бараше прекршок во шеснаесетникот во 66. минута, но судијата Чакир не се огласи. Две минути подоцна Барселона стигна до ново водство. По шутот на Меси, Суарез ја прифати одбиената топка и постигна погодок.
Нејмар во 71. минута даде гол, но судијата Чакир го поништи затоа што Бразилецот играше со рака.
Во 75. минута во игра влезе Чави, во неговиот 151 натпревар во Лигата на шампиони и последен во дресот на Барса.
Јувентус се обидуваше до крајот да стигне до изедначување, но без успех, а точка на победата стави Нејмар во шестата минута од судиското продолжение, па Барселона по 2011. година повторно, по петти пат е на европскиот трон.
За Барселона ова е 74 трофеј.

