Бауш: Економскиот ефект од трговскиот договор со САД нема да биде автоматски и нема драматично да се смени нешто на краток рок

Македонија е зависна од Европа - дури и целите тарифи да ни бидат укинати од САД, не можеме да очекуваме „економски бум“ преку ноќ

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Белата куќа доцна синоќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, оценувајќи ја како значаен чекор кон продлабочување на стратешкото партнерство и отворање нови економски перспективи за државата. Како што посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски, изјавата претставува јасен сигнал за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД и го трасира патот кон сеопфатен договор со кој ќе се обезбедат тарифи не повисоки од 15 проценти, а за одредени стратешки производи и индустрии и до 0 проценти. Според премиерот, договорот ќе овозможи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст, зацврстувајќи ја позицијата на земјава како доверлив и предвидлив партнер на меѓународната сцена. Во објавата се потенцира дека ваквите чекори се дел од поширока стратегија за унапредување на економските перформанси и меѓународната позиција на државата, по неодамнешниот договор за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Совет на Европа по 26 години.

За дел од експертската јавност во земјава, не се очекува дека ќе има некој голем ефект врз нашата економија затоа што, како што велат, Договорот, секако има политичка тежина и САД како сила имаат голема тежина, но економскиот ефект нема да биде автоматски и нема драматично да се смени нешто на краток рок. Според економскиот аналитичар, Абил Бауш, Македонија нема масовен извоз со САД и не не врзува економски многу со САД – нашата трговија е доминатна со европските држави, над 75% од вкупната размена има со земјите од ЕУ. Посолува дури и целите тарифи да ни бидат укинати од САД, ние не можеме да очекуваме економски бум преку ноќ.

Доналд Трамп воведе царини за увозот од 180 земји/Фото: Принтскрин/Јутјуб/WSJ News

-Економски ефект ќе има ако се идентификуваат конкректни производи на кои што можеме таму да извезуваме како технологија. Кај нас капацитетот е толку, дури и ако генерираме економски раст, би бил не повеќе од 4% во оваа ситуација. Кога компаниите би имале капацитет на сертификација и да имаат логистика и стандарди според американскиот пазар, тогаш се ќе смени. Ние треба да водиме поекономска и поиндустриска политика, а не само да имаме трговска дипломатија, вели Бауш во анализа за „Локално“.

Oколу тоа кои се тие производи, за кои премиерот Мицкоски рече дека се стратешки, соговорникот наведува дека имаме еден парадокс – во ТИРЗ има компании кои што претежно се американски и прават компоненти за автомобилската индустрија.

-Ако успееме да ги задржиме тука со 0% тарифа тоа би било супер, но тоа нема зададена вредност за нашата економија – тие плаќаат многу малку за нас. Ако останеме со тие ТИРЗ-ови, нема да имаме додадена економска вредност. Што ние би нуделе на тој пазар? Да речеме некои одредени машински компоненти, специфични преработени производи – добри сме во вино, тутун, да можеме да преработуваме, па да го фатиме тој американски пазар, како и ИКТ услугите. Овие се компонентите кои можат да имаат обем за американскиот пазар, наведува економистот.

„Ние ќе им ги укинеме сите царини, а САД нам царини од 15% – каде е реципроцитетот“ – прашуваат и обвинуваат дел од опозициските партии. Според Бауш, Македонија ако ги укине царините за земјоделските производи од САД, а тие ги задржат 15%, освен во одредени заклучоци- тогаш економски не е симетрично. САД со економија милион пати поголема од нашата, не може да стави реципроцитет меѓу нееднакви економии. Не произведува поголем ефект.

-Сега за Македонија, американските производи можат да станат поевтини, но колку ние имаме такви производи на пазарот…Може да земаме нивна опрема ако ги погледнеме земјоделските капацитети во државата. Конкуренцијата за домашните производители ќе се зголеми, а веќе така сме кревки во некои сегменти, а трговскиот дефицит може да ни се покачи. За САД нема да има никаков ефект – реципроцитетот повеќе личи на некоја асиметрија отколку економски балансиран реципроцитет. Ако се укинат сите тарифи, би било супер во економска перспектива, но ние имаме многу врзана и папочна врска со европската економија, а не со американската. Ако пати економијата на земјите од ЕУ, тогаш и кај нас ќе се одрази – дури до 80% сме врзани со европската економија. Проблемот не е во царините и тие 15% туку во структурата на нашата економија. Немаме висока продуктивност, гледате со платите што се случува. Немаме домашна индустриска база за тој пазар, немаме технолошки надградби, немаме сопствени брендови. САД и да ни стават 0% царини, нема тоа да не спаси, затоа што имаме структурни проблеми во самата економија, истакнува аналитичарот, додавајќи дека договорите не создаваат некој извоз туку останува на дипломатијата што ја прават.

-Конкуретноста, стратегијата и компетитивноста мора да ја правиме со висока продуктивност, технолошка надградба, домашна индустриска база, да направиме наши брендови – тоа создава извоз. Без таква стратегија, ќе останеме само на хартија, како што ги правиме работите, дециден е Бауш.

Фото: Американска амбасада во Македонија

Во делот за енергетика, договорот ја зема предвид изградбата на нов гасен интерконектор меѓу Македонија и Грција. Овој проект треба да овозможи подобрување на енергетската безбедност и диверзификација на изворите на снабдување, вклучително и преку купување американски течен природен гас (LNG). Македонија ќе започне со купување американски LNG по завршувањето на новиот гасен интерконектор.

Договорот предвидува Македонија да усвои и одржува високо ниво на заштита на животната средина и ефикасно да ги спроведува своите закони од оваа област. Дополнително, предвидени се разговори за заштита и спроведување на интелектуалната сопственост, вклучително и за географските ознаки, како и ангажман за решавање на прашања поврзани со трудот.

Северна Македонија се обврзува да не воведува данок на дигитални услуги и да поддржи усвојување траен мораториум на царински давачки за електронски преноси во рамки на Светската трговска организација (СТО), како и да ја потврди својата посветеност кон Заедничката иницијатива на СТО за домашна регулатива за услуги и олеснување на трговијата со услуги. Во соопштението се наведува дека двете земји ќе работат на финализирање на договорот, подготовка за негово потпишување и спроведување на домашните формалности пред стапувањето во сила.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Фејсбук го оцени договорот како значаен исчекор во економската соработка со Aмерика. „Усогласивме заедничка изјава и рамка за Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, со што ја зајакнуваме билатералната економска соработка и отвораме поголем пристап до американскиот пазар за македонските компании. Искрена благодарност до целиот тим од повеќе институции што макотрпно работеше на овој процес, како и тимот на македонската амбасада во Вашингтон“, напиша Муцунски.

Н.П.