Одредени фирми од Србија, основани од руски граѓани, служат за заобиколување на санкциите што ЕУ и САД ги воведоа кон Русија и за набавка на компоненти што се користат за производство на оружје и воена опрема, пишуваат специјализираните медиуми.
Според регионалниот портал „Балканска безбедносна мрежа“, Русија на секој начин се обидува на својата воена индустрија да и обезбеди компоненти од странско производство, што сега е проблем поради санкциите, па затоа прибегнува кон итрина и набавки преку трети земји, меѓу кои и Србија.
„Српските медиуми неодамна објавија дека одредени компании основани од руски граѓани служат за заобиколување на санкциите на ЕУ и САД преку набавка на стоки потребни за воено производство, вклучително и GoodForwarding d.o.o. од Белград. Тие тврдења ги потврдуваат и комерцијално достапните податоци за меѓународната трговија до кои имала пристап Балканската безбедносна мрежа“, пишува порталот и додава дека станува збор за фирма регистрирана во Агенцијата за комерцијални регистри за трговија со овошје и зеленчук.
Во текстот се додава дека оваа компанија е „значаен извор на снабдување“ на Русија со микрочипови и печатени плочи на производители на Далечниот Исток и Запад, неопходни за производство на ракети, беспилотни летала и друго оружје и воена опрема.
Се додава дека податоците откриваат дека на крајот на минатата година компанијата имала 42 трансакции со компании од Кина, САД, Тајван, Јапонија, Велика Британија, Јужна Кореја, Малезија и Тајланд чии компоненти потоа биле извезени во Русија.
Порталот додава дека ваквите активности претставуваат потенцијално кршење на голем број меѓународни санкции и договори и дека бизнисот од ваков карактер е во спротивност со официјалната политика на Србија.
„Иако Белград не воведе рестриктивни мерки против Русија, Владата на Србија информира дека нема да дозволи таа да биде платформа за заобиколување на меѓународните санкции“, се вели во текстот.