Шефот на пратеничката група на коалицијата Европски фронт и член на ДУИ, Блерим Беџети информира дека ја поддржуваат идејата за промена на државниот грб, но, според него треба да има промени и во химната, да се отстрани терминот „20 отсто“ што се однесуваат на албанскиот јазик во Уставот, а како дополнителен предлог од ДУИ и Европскиот фронт е да се отвори прашањето и за знамето.
„Подготвени сме да зборуваме за грбот бидејќи е еден од најстарите од социјал-комунизмот, за химната така што би ги вклучувала сите народи овде во Македонија, за да биде прифатлива за сите граѓани, за да ја чувствуваат како своја. Секако, и во делот на Законот за албанскиот јазик, но и за државното знаме за да се чувствува како да е на сите. Мислам дека во овој пакет, македонското национално знаме треба да се одвои од државното знаме“, изјавил Беџети за ТВ21.
ВЛЕН подготвени за разговор за смена на државниот грб. Се надеваат дека ќе се отвори и темата за 20-те проценти од Уставот. Социјалдемократите велат остро ќе се спротивставиме. Во СДСМ не се изненадени од иницијативата за менување на грбот. Велат, ќе се отворат и други горливи прашања, но ќе се спротивставеле. Левица исто се противи на менување на грбот и потенцира дека на тој начин се руши наследството на АСНОМ.
„Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДСМ на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, реагираат пак од ВМРО-ДПМНЕ.
Темата за менување на грбот ја обелодени премиерот Христијан Мицкоски. Од ЛДП пак веќе пристигна предлог на грбот да стои рисот како обележје на државата.