Беџети: Зарем не е чисто лицемерие хајката која се прави против Договорот за коридорите кога сите досегашни политички елити го имале како стратешки проект во своите програми?

од Vladimir Zorba

Дистанцирајќи се од негативните реакции во однос на Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10 д,  професорот Абдилменаф Беџети кој во доцните деведесети беше министер за транспорт и врски, се издвојува со сопствен пристап во кој како што самиот вели „нема простор за актуелната хистерија“.

Зачуден е од огромната лавина крититики која што според него е обратно пропорционална на обвинувањата на јавноста за тоа колку заостануваме во патната инфраструктура.

Посочувајќи ги сите придобивки од изградбата на автопатите, Беџети за „Локално“ вели:  „Коридорот ќе се реализира и тоа ќе биде модел за во  иднина, со какви изведувачи треба да се преговара“. Ова од друга страна според него, не треба да претпоставува отсуство на контрола и истражување на се што е сомнително.

Може да ги разберам дел од фрустрираните граѓани поради неразјаснетите околности при донесување на Законот за стратешки инвестиции, па се до сомнителните околности за изборот на надзор на проектот, но не и некои политичари кои ги пишувале своите партиски програми каде овој Коридор е воподеднаков приоритет, со тој север-југ“; вели Беџети.

Во истата насока е и неговата саркастична забелешка во однос на предлогот на ВМРО ДПМНЕ да се ракине договорот со „Бехтел и Енка“.

„Не би ги коментирал мотивите зошто сега ВМРО ДПМНЕ излегува со ваков предлог кога тоа не го направија ведаш откако цела јавност слушна како го направиле договорот за сегментот Кичево-Охрид, кој се гледа како се реализира и по динамика и по вредност на договорот. Да беа истите реакции и за тој дел, апсолутно ќе бше легитимно тоа да го бараат и сега.Но…“, забележува Беџети.

Договорот за изградба на Коридорите предизвика огромни реакции во јавноста. Какво е вашето мислење, оправдана ли е  хајката против договорот?

-И за мене сета оваа негативна реакција во јавноста беше зачудувачка. Цело време сите критикуваме за тоа колку сме заостанале во патната инфраструктура. Дури земји кои пред една декада беа многу поназад од нас, како Албанија и Косово на пример, не претекнаа и тоа убедливо. Да се сетиме на критиката но и ургентната сугестија која ни ја даде  пред една година во Скопје нобеловецот за економија Паул Кругман, зборувајќи за развојните  приоритети и потреби. Токму тој Коридор посебно го спомена. Впрочем уште пред четврт век, како тогашен министер за транспорт и врски ( 1997/1998) се залагавме за стратешко внесување на Коридорот 8 во Паневропските коридори, но цело време беше опструиран од грчко-српска страна. Цело време и за цел овој период, ама баш сите политички елити овој Коридор го имале како стратешки проект во своите програми и покрај тоа што останал само декларативен и колку повеќе се афирмирал како приоритет, најмалку се инвестирало во двата крака, кон Бугарија и кон Албанија истовремено. Зарем не е чисто лицемерие ( да не речам срамота) оваа хајка која сега се прави против овој коридор? Сега и фактички се разбра зошто пропаднал дури и сегментот Кичево-Охрид кој бил започнат со цел никогаш да не биде завршен! Апсолутно неразбирлива е целата оваа хистерија! Но сигурен сум дека сега ќе се реализира, затоа што секаде каде работеле вакви кредибилни изведувачи како Бехтел -Енка, не промашиле.

Дали сметате дека со овој договор ќе успееме да го тргнеме епитетот на држава-кружен тек и ќе станеме крстосница на Балканот?

-Апсолутно да- засекогаш ќе го тргнеме епитетот на заобиколница или само север-југ држава! Може да ги разберам дел од фрустрираните граѓани поради неразјаснетите околности при донесување на Законот за стратешки инвестиции, па се до сомнителните околности за изборот на надзор на проектот, но не и некои политичари кои ги впишувале своите партиски програми каде овој Коридор е во “ подеднаков приоритет”, со тој “север-југ”. Ова апсолутно не ја потиснува потребата надлежните институии да ги  процесуираат сите сомневања кои биле изнесени во јавноста, тоа и властите го бараат цело време. И мене лично, некои аспекти за капацитетот на надзорниот конзорциум не ми се докрај јасни зошто требаше да се дозволат такви сомнителни околности, бидејки не постои детален изведбен проект и во такви случаи надзорот треба да биде дури многу поподготвен од изведувачот.Но потребата од започнување на Коридорот и изборот на Изведувач ме охрабруваат дека самите тие нема да дозволат да си го нарушат сопственото реноме и да ги загрозат сопствените референци добиени насекаде низ Европа, само заради овој проект.

Правејќи компарација со автопатот во Србија, ВМРО ДПМНЕ предложи раскинување на договорот со Бехтел и Енка. Дали е ова предизборна тактика и кои би биле последиците?

-Не би ги коментирал мотивите зошто сега ВМРО ДПМНЕ излегува со ваков предлог кога тоа не го направија ведаш откако цела јавност слушна како тие го направиле договорот за сегментот Кичево-Охрид, кој се гледа како се реализира и по динамика и по вредност на договорот. Да беа истите реакции и за тој дел, апсолутно ќе бше легитимно тоа да го бараат и сега.Но…

Последиците не би ги коментирал затоа што јас не верувам во таа опција. Коридорот ќе се реализира и тоа ќе биде модел за во  иднина, со какви изведувачи треба да се преговара. Не вели џабе народот сиромавиот плаќа поскапо! Е тоа ни се случува речиси со сите досегашни проекти. Па зарем толку кратко паметење имаме што се случува во одредени делници на Коридорот 10, со тогашнио Актор,  и др. грчки или пак домашн фирми? Или пак проектот со пругата Бељаковце- бугарска граница за кој речиси се потрошени почетните предвидени инвестициски износи( околу 250 милиони долари) а проектот за 30 години не е реализиран ниту 30%, дури во некои сегменти и се плаќаше за конзервација на домашни компании! До каде се тие денеска со реализацијата?

Според дел од обвинувањата, ситуацијата во многу аспекти е слична со договорот со ОКТА.Како да се заштити државата од штетни договори имајќи го предвид фактот дека одговорноста кај нас е непостоечка ставка?

-Факт е дека ние немаме институционален капацитет за капитални проекти, тоа го објаснив погоре и е нешто  за кое се залагам. Факт е дека токму капиталните инвестиции ( од сите видови) се “машина за корупција и перење пари”. Тоа и врапчињата го знаат ама лекот за ова е на друго место, а не да кратиме на највисоките приоритети. Ова наликува на приказната, со кратење на подолгата нога само за да ги израмниме двете нозе, наместо обратно. Па зарем не паметиме што се случуваше со археолошките истражувања на Паско Кузман и сличните на него, кога дење копале а ноќе рамнеле со епилог дека не нашле ништо? А денес артефактите од Дарданија ги гледаме среде Скопје. Да не ги споменувам стиропорните фасади кои се руинираат и по истек на нецели 10 години. Зарем не ги гледаме токму во строгиот центар на Скопје, карши Македонскиот Народен Театар или пак уривањето на таваните или на милионските театарски бини? Институциите, пред се Обвинителството па и другите истражни органи, вклучувајќи ги и медиумите кои цело време молчеле, треба да реагираат и делуваат. Тогаш молчеле затоа што не смееле да пишуваат, се знаеше што ги очекува. Да ве потсетам кога пред 14-15 години се смени Законот за јавни набавки за да може да се изведуваат инвестиции и без обезбедени износи за финансирање ( без буџет т.е на вересија). Јас лично како професор по јавни финансии регирав и бев прозван, и тоа не од било кој, туку од тогашниот премиер, дека сум бил “политички мотивиран” за таквите критики. Се разбира за да го смирам премиерот, реков еве и да препоставиме дека сум политички мотивиран , што воопшто не беше случај ( беше период од 6-7 години откако јас дефинитивно се одалечив од политиката) реков оставете ги моите мотиви и кажете дали сум во право или не. Каде се тие медиуми денес?

Дали имаат основа обвинувањата во јавноста која зад проектот за изградба на Коридорите 8 и 10 д, препозна обид за разединување а не спојување и развој?

Мислам апсолутно НЕ. Коридорите спојуваат а не разединуваат, и тоа добро го знаат не само фрустрираните туку сите. Проблемот е зошто тие, а не ние. Инфраструктурата покрај екосистемот е основен предуслов за развој. Секоја друга мисла нема смисла! Излишно е да образложувам и теоретски и практично, тоа го знаат и студентите од прва година на економските студии.

Да не зборуваме за транспортот на стоки туку само за туристите ( особено на Скопјаните) на кои им требаат повеќе од три часа да патуваат 160 километри од Скопје до Охрид кога насекаде на запад тоа се реализира за нешто повеќе од едн час. Побрзо Скопјанец стигнува до Белград околку до Охрид! Ако ништо друго, сите кои критикуваат нека се потсетат на патиштата во Грција пред да стане членка на ЕУ и какви се истите денес. Се надевам дека надлежните институции, вклучуваји ги и медиумите и цивилното општество, ќе ги отворат очите и ќе ја следат секоја исплата и динамика на реализација. Се што е сомнително треба да се истражува и потребна е апсолутна транспарентност. Ова е најкапиталниот проект во државата по осамостојувањето и по вредност на инвестицијата и по важност. Не треба да се мешаат овие две работи. Едно е да се внимава, а друго е да се спортивставува однапред врз основа на перцепции и прејудицирања.

К.В.С.

Слични содржини