Министерството за економија објави три јавни повици во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании. Објавени се јавните повици за субвенционирање на микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемништво и за субвенционирање на занаетчии, информираше денеска на прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што кажа министерот, трите јавни повици се објавени пред десетина дена, а сите заинтересирани компании имаат рок да аплицираат до 16-ти, односно до 30-ти април и да ја искористат финансиската поддршка од Министерството за економија.
„Со јавниот повик за субвенционирање на микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50% од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели – затворен систем, за производство на електрична енергија за сопствени потреби на претпријатието со моќност над 5 kW. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари. Доколку фирмата е управувана или основана од жена, тогаш субвенцијата се зголемува за 10%. Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 година, потенцираше Бектеши.
Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемништво како што информираше министерот предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80% на трошоците на компании кои се 50% во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор и воведување на софтверски решенија.
„За оваа мерка во рамки на Буџетот на Министерството за економија се предвидени вкупно 4 милиони денари, а максималниот износ на поддршка по апликант е не повеќе 150.000 денари, освен кај трошоците за воведување на софтверски решенија каде што финансиската поддршка е најмногу 60.000 денари. Исто и кај оваа мерка субвенционирани ќе бидат трошоците направени во текот на 2020 и 2021 година. Крајниот рок за аплицирање е 30.04.2021 година, кажа Бектеши.
Како што информираше министерот со јавниот повик за субвенции за занаетчии е предвидена финансиска поддршка за покривање на 60% од трошоците на занаетчиите за набавка на опрема и алати како и уредување, односно подобрување на деловниот простор. Максималниот износ на поддршка за еден апликант изнесува 120.000 денари за трошоци направени во 2020 и 2021 година.
Од Буџетот на Министерството за економија за субвенции за поддршка на занаетчиите се предвидени вкупно 6 милиони денари. Крајниот рок за аплицирање и за овој јавен повик е 30.04.2021 година.