Белата куќа: Бајден има намера да стави ВЕТО на закон за помош на Израел

од Stefanija Kuzmanovska
276 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе стави вето на предлог-законот на републиканците во Претставничкиот дом за обезбедување помош на Израел, каде истовремено се изоставува финансирањето на други приоритети на националната безбедност, соопшти Белата куќа.

Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа нагласи дека овој предлог-закон содржи пристрасност со тоа што го поддржува само Израел и не одговара на моменталната ситуација, бидејќи ја испушта хуманитарната помош за населението во Газа и помошта за Украина и сојузниците во Индо-Пацификот, пренесува порталот „Хил“.

Соопштено е дека американскиот претседател ќе стави вето на овој документ доколку биде усвоен од Конгресот, бидејќи „неподдржувањето на Украина“ би испратило „страшен сигнал до Русија и остатокот од светот за решителноста“ на американските власти.

„Овој закон е лош за Израел, за регионот на Блискиот Исток и за нашата сопствена национална безбедност“, објави Белата куќа.

Пакетот предложен од републиканците во понеделникот обезбедува 14,3 милијарди долари помош за Израел за борба против Хамас, милитантната група која ја контролира Газа и изврши прекугранични напади на 7 октомври во кои загинаа околу 1.400 Израелци.

Белата куќа минатата недела побара околу 106 милијарди долари дополнително финансирање за националната безбедност, кое вклучува пари за Израел и Украина, која се бори против руската окупација, како и средства за Индо-пацификот, хуманитарна помош и безбедносни мерки.

Слични содржини