Белата куќа го става Тони Блер „на чело“ на Палестина: „Нетанјаху ќе ја саботира „ГИТА“ затоа што ги поставува темелите за решение со две држави“

Дали има пресврт во ставот на Трамп кон Нетанјаху - аналитичарот Вакнин за „Локално“: „Ќе му ги врзе рацете кога станува збор за населби, анексијата на Западниот Брег и формирањето палестинска држава под Палестинската управа“

од Nikola Popovski
142 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Поранешниот британски премиер Тони Блер е вклучен во разговори за водење на меѓународна преодна власт во Газа (ГИТА) во Појасот Газа доколку се постигне договор за прекин на огнот, тврдат дел од западните медиуми. Блер, кој ја предводеше Велика Британија во војната во Ирак во 2003 година, разговарал со сите страни за планирањето за завршување на војната и повоената иднина на палестинските територии. Во срцето на најновиот предлог, кој оваа недела беше дискутиран во ОН од Доналд Трамп, американскиот претседател и арапските лидери, е идејата Појасот Газа да биде управуван од преодно тело со поддршка на ОН и земјите од Заливот, пред да биде вратен под палестинска контрола. Предлогот, за кој се смета дека добил поддршка во Вашингтон, е Блер да ја води владата, иако неговиот кабинет соопшти дека тој нема да поддржи ништо што би вклучувало раселување на населението во Газа.

Планот е моделиран според администрациите кои првично ја надгледуваа транзицијата на Источен Тимор и Косово во независни држави. Се поставуваат дилемата дали работите се движат кон решение со две држави и колку е Косово добар пример да се примени во Газа….Во кратка анализа за „Локално“, Сем Вакнин, израелски аналитичар и поранешен советник во Владата во времето на владењеето на екс-премиерот Никола Груевски, оценува дека и ГИТА и планот од Њујорк се јасни претходници и пресекувачи на патот кон евентуална палестинска држава под покровителство на Палестинската власт (ПА). ГИТА дури вклучува и прототипна арапска администрација во Газа, ПЕА (Палестински извршен орган). Според Вакнин, Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја саботира ГИТА токму затоа што јасно ги поставува темелите за решение со две држави.

Тони Блер/Фото: Принтскрин

-И Косово и Источен Тимор сега се суверени држави. Како и многу други политички системи, тие се преполни со корупција и лошо управување. Но, привремените администрации таму успеаја да создадат доволен импулс и да постават доволна основа за сецесионална државност, што е најважно за Палестинците на окупираните територии, истакнува Вакнин.

Според него, планот на Блер би можел да се смета од некои не како неповратен пат кон државност, туку како поинаква, побенигна окупација од онаа што ја нуди Израел.

-Јас целосно не се согласувам. ГИТА е временски ограничена, нејзината надлежност е добро дефинирана и ќе работи рака под рака со новоформираната палестинска влада, ПЕА. ГИТА е експлицитно поставена да ѝ помогне на Палестинската самоуправа да се реформира и да ја преземе Газа во рок од 5 години, додава соговорникот.

Блер би раководел со секретаријат од до 25 лица и би претседавал со одбор од седум члена што би го надгледувал извршното тело што ја управува територијата. Но, што е со Хамас? Според Вакнин, Хамас веќе неколку пати објави дека се повлекува од политичката сцена во Газа.

-Абас, шефот на Палестинската управа, даде слична прогласа во својот говор пред ОН оваа недела. Тој никогаш не би се осмелил да се соочи со Хамас на овој начин доколку не ја обезбедил согласноста од политичкото раководство на Хамас. Проблемот е што военото крило на Хамас е автономно и ги презира политичарите. Тие веројатно ќе се трансформираат во герилска организација како ИРА или ЕТА, смета аналитичарот.

Пред сè, додава Вакнин, ова е пресврт во ставот на Трамп кон Нетанјаху и Израел. Базата на МАГА брзо станува сè поантиизраелска и антисемитска.

-Трамп сега ќе се сврти против Израел и ќе му ги врзе рацете кога станува збор за населби, анексијата на Западниот Брег и формирањето палестинска држава под Палестинската управа. Очекувајте раскошни јавни последици меѓу САД и Израел, смета аналитичарот.

Сем Вакнин/Фото: Принтскрин

Додека светските лидери се собираат во Обединетите нации во Њујорк, САД открија мировен план за Блискиот Исток од 21 точка во обид да се стави крај на речиси двегодишната војна во Газа.

Трамп, кој останува најцврст сојузник на Израел на глобалната сцена, рече дека во четврток разговарал со претставници на земјите од Блискиот Исток и со Нетанјаху и дека наскоро може да се постигне договор за Газа.

„Сакаме да се вратат заложниците, да се вратат телата и мир во регионот. Имавме многу добри разговори“, рече тој.

Израел се соочува со глобална осуда поради војната во Газа, која започна откако Хамас го нападна Израел во 2023 година, кога милитантите убија 1.200 луѓе, претежно цивили. Конфликтот предизвика огромно уништување и однесе повеќе од 65.000 палестински животи, исто така претежно цивили.

Н.П.