Откритието дека некои од највисоките американски функционери случајно вклучиле новинар во групен разговор за воени планови, предизвика жестока дебата во Белата куќа, што доведе до идејата дека советникот за национална безбедност, Мајк Волц мора да поднесе оставка, пишува Politico во својот инсајдерски извештај.
Сè уште ништо не е решено, а претставници на Белата куќа изјавија дека претседателот Доналд Трамп ќе донесе конечна одлука откако ќе биде информиран за сите детали од настанот.
Висок функционер изјави за Politico дека има широка дискусија за тоа што да се прави со Вoлц, откако се дозна дека тој случајно го вклучил главниот уредник на Атлантик, Џефри Голдберг во приватен разговор за воениот напад врз Хутите.
– Половина од нив мислат дека нема да преживее или не треба, рече тој.
Двајца високи функционери на Белата куќа изнесоа идеја дека Вoлц треба да поднесе оставка за да спречи Трамп да биде доведен во „лоша позиција“ поради него.
– Непромислено е да не се провери кој е во разговорот. Исто така, несовесно е да се има таква дискусија на апликација за пораки. Не можете да бидете непромислени како советник за национална безбедност, рекол неименуван извор.
„Вoлц е идиот“
Близок извор до Белата куќа го опиша Волц без никакви резерви или убави зборови.
– Сите во Белата куќа се согласуваат за едно: Мајк Волц е морон, е*ан идиот, беше краток и јасен изворот од Белата куќа.
На 11 март, Голдберг доби покана да се приклучи на апликацијата Сигнал од „Мајк Волц“ и беше вклучена во групен разговор наречен „Houthi PC small group“, во која беа вклучени други високи функционери како што се секретарот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс и директорот на Националното разузнавање Тулси Габард.
Трето лице запознаено со последиците рече дека Трамп разговарал со Волц за ова прашање, но Белата куќа засега стои на негова страна.
„Претседателот Трамп продолжува да има голема доверба во неговиот тим за национална безбедност, вклучувајќи го и Волц“, рече портпаролката на Белата куќа, Каролина Левит.
Четвртиот официјален претставник на Белата куќа, достапен за коментар, рече дека се свесни за притисокот Волц да ја преземе одговорноста за грешката, што може да значи негова оставка. Но, тоа зависи од тоа како Трамп лично ја гледа ситуацијата.
Двајцата функционери, исто така, нагласија дека Трамп може да го обвини Волц за загрозување на националната безбедност, но може да биде фрустриран и од Венс што отстапил од неговата надворешна политика во тој разговор, или од Хегсет за споделување чувствителни податоци.
„Не сум сигурен дека претседателот знае колку е ова неконзистентно со неговата порака за Европа“, рече Венс, според извештајот. „Има силен аргумент за едномесечно доцнење за да се заврши работата и да се види до каде е економијата“.
Инцидентот отвори простор и за критичарите на Волц, кои се сомневаат во неговите неоконзервативни врски. Волц некогаш го советуваше Дик Чејни, а сега го поддржува пристапот „Америка на прво место“.
Тие грижи беа засилени на социјалните мрежи, каде изолационистичките конзервативци прашаа зошто Волц го има телефонскиот број на главниот уредник на „Атлантик“.
Сепак, личноста блиска до Белата куќа која го нарече Волц „е*ен идиот“ не очекува сериозни политички последици, освен дека тоа може да го чини Волц неговата работа.
Многу републиканци во Конгресот се надеваат дека Волц ќе преживее.
Спикерот на Конгресот, Мајк Џонсон изјави за Politico дека Волц апсолутно не треба да поднесе оставка.
– Тој е исклучително квалификуван за работата. Тој е доверлив и сигурен, рече Џонсон. Тој е создаден за таа работа, и јас имам целосна доверба во него“, заклучи тој.