Белата куќа на својата официјална веб-страница објави поддршка за теоријата дека Ковид-19 потекнува од лабораторија. На страницата, која наликува на филмски плакат, се наоѓа големиот наслов „Lab Leak“. Помеѓу двата збора е прикажана фигурата на американскиот претседател Доналд Трамп. Под насловот стои: „Вистинското потекло на Ковид-19“. Страницата ги обвинува медиумите, политичарите, здравствените власти и американскиот имунолог Ентони Фаучи за ширење на теоријата дека вирусот има природно потекло. Исто така, тврди дека постојат бројни докази дека вирусот потекнува од лабораторија во кинескиот град Вухан.
Повеќе од пет години по избувнувањето на пандемијата на коронавирус, сè уште не е утврдено дали вирусот преминал од животни на луѓе или потекнува од кинеска лабораторија. Веб-страницата дополнително ги критикува и некои од клучните мерки преземени за време на пандемијата, како што се социјалното дистанцирање, носењето маски и целосното затворање, оценувајќи ги како погрешни.
Еден од првите чекори на новиот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Џон Ретклиф, беше да го промени ставот на агенцијата за потеклото на коронавирусот во јануари, со тврдењето дека најверојатно станува збор за лабораториска несреќа. ЦИА проценува дека појавата на пандемијата Ковид-19 е поверојатно поврзана со истражување отколку со природно потекло. Уште на почетокот на декември, поткомитет на Претставничкиот дом на САД презентираше извештај во кој се поддржува теоријата за лабораториско потекло.
Лотар Вилер, поранешен претседател на германскиот институт „Роберт Кох“ (РКИ), исто така ја смета теоријата за лабораториско потекло на вирусот за поверојатна, изјави неодамна за неделното издание на германскиот весник „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“. РКИ е националниот институт што ги следи болестите и јавното здравје во Германија.