Белата куќа со остро предупредување до Иран: „Ќе следат тешки последици ако продолжат убиствата и егзекуциите“

Соединетите Американски Држави испратија јасно предупредување до Иран, наведувајќи дека ќе се соочи со „тешки последици“ доколку продолжи, како што беше оценето, бранот убиства и погубувања во земјата. Ова го изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, на брифинг со новинарите.

од desk4
11 прегледи

„Претседателот и неговиот тим јасно му порачаа на иранскиот режим дека, доколку убиствата продолжат, ќе следат сериозни последици“, изјави Левит, пренесе Index.hr.

Таа додаде дека до Доналд Трамп од Иран била пренесена порака дека „убиствата и погубувањата ќе престанат“. Според информациите со кои располага Белата куќа, околу 800 егзекуции во Иран, кои биле планирани за вчера, во меѓувреме биле стопирани.

За време на истиот брифинг, новинарите ја прашаа Левит и за наводна имплицитна закана кон претседателот Трамп, која наводно била емитувана на иранската државна телевизија. Еден од новинарите посочи дека во телевизиски прилог била прикажана фотографија од неуспешниот атентат врз Трамп во Пенсилванија, придружена со пораката: „Овој пат нема да тргне наопаку“.

„Искрено, јас тоа не сум го видела“, одговори Левит. „Ќе го провериме случајот и ќе му овозможиме на претседателот и на неговиот тим за национална безбедност да ја разгледаат снимката, за да се утврди нејзината веродостојност.“

Иран засега нема официјално реагирано ниту на американските предупредувања, ниту на наводите поврзани со телевизискиот прилог. Од Белата куќа, исто така, не беа соопштени дополнителни детали за можните мерки што Вашингтон би ги презел доколку, според американската проценка, насилството во Иран продолжи.

Слични содржини