ВМРО-ДПМНЕ го бараше Договорот за Коридорите 8 и 10Д, а сега бегаат и никако да се изјаснат кој ден и на која собраниска комисија да се разгледува, соопштија утрово од СДСМ.
Од партијата додаваат во своето соопштение:
-Шпекулираа дека мнозинството во собранието, предводено од СДСМ, бара начин како Договорот воопшто да не се разгледува, а кога треба самите да одлучат за негово разгледување, бараат повеќе време. Наместо со лаги да ја замајува јавноста и да одолговлекува, Белата палата поскоро да одлучи кога и во која комисија ќе се разгледува Договорот, за да престанат шпекулациите за најголемиот инфраструктурен проект од независноста до денес, стои во партиската реакција од „Бихаќка“.
Пред два дена беше договорено дека со оглед на тоа што Договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат имаат увид во неговата содржина. Според соопштението, Договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати.
-Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ги интересираат договорите на сопругата на премиерот за фотоволтаици, ниту пак договорите за братот на Груби за купување на деловен простор. Нас не интересираат договорите кои што се плаќаат со пари од Буџетот. Оовој договор ќе чини до 2 милијарди евра. Јавноста има право да знае како се трошат овие пари, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски на прес-конференција во Собранието околу најавеното презентирање на Договорот со Бехтел и Енка.
Милошоски посочи дека осум пратеници од ДУИ имале увид во договорот.
Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела изјави дека прифатил Договорот да биде презентиран од владини претставници пред пратеници со безбедносен сертификат и дека согласноста е испратена во Собранието.