Белгија една година без влада, преговорите за коалиција тапкаат во место

од Elena Daskalova
367 прегледи

Пред една недела, Белгија одбележа една година без федерална влада и шест месеци од последните парламентарни избори. И покрај обидите за формирање на нова извршна власт, преговорите тапкаат во место, а нови избори не се исклучени.

Иако сѐ уште не е постигнат рекордот од 2011 кога Белгија беше без влада 541 ден, политичката криза која ја зафати земјата не покажува знаци на попуштање.

Федералната влада, составена од Либералите, Демохристијаните и фламанските националисти, падна на 9 декември 2018, официјално поради несогласувањата на коалициските партнери околу Пактот за миграција кој се потпишуваше тогаш во Мароко.

Фламанските националисти ја напуштија власта оставајќи зад себе малцинска влада шест месеци пред парламентарните избори кои се одржаа на крајот на мај 2019.

Оттогаш Белгија не успева да формира нова федерална влада (регионалните влади се веќе формирани) поради преголемите разлики во изборните резултати помеѓу северот и југот на земјата, односно помеѓу двете главни заедници на земјата, Фламанците и Валонците.

Додека кај Валонците и Бриселчаните убедлива победа однесоа социјалистите и зелените, на северот на земјата мнозинството Фламанци својот глас го дадоа за националистите и екстремната десница. Според белгиската пракса, федералната влада треба да ги рефлектира изборните резултати во коалициска влада, но валонските социјалисти одбиваат коалиција со фламанските националисти и обратно.

Обидот на социјалистите да формираат влада со сите партии освен националистите и екстремната десница пропадна минатата недела поради тоа што таква извршна власт не би имала мнозинство во фламанската заедница.

Веднаш потоа Кралот Филип Втори го задолжи франкофонскиот либерал, Жорж Луи Буше, и фламанскиот демохристијанин, Јоаким Кунс, да започнат разговори и да се обидат да понудат план за формирање федерална влада, но дијаметрално спротивставените позиции на двајцата победници од двете страни на јазичната граница не влеваат голема надеж дека оваа мисија ќе биде успешна.

Доколку овие преговори повторно пропаднат, сѐ поизвесно станува дека ќе бидат свикани нови парламентарни избори, кои не гарантираат никаков успех. Според последните анкети од двете страни на јазичната граница, ставовите на граѓани се уште повеќе радикализирани, а екстремната десница во Фландрија е во загрижувачки подем. 

Слични содржини