Белорусија го прошири ембаргото: Покрај Македонија, забранет увоз на храна и од Србија

од Nikola Popovski

Белорусија ги вклучи Србија и Лихтенштајн на списокот на земји кои подлежат на ембарго на прехранбените производи, што Минск го воведе како одговор на санкциите од ЕУ. Документот е објавен на правниот портал на Белорусија.

Владата ја донесе одлуката со цел „да обезбеди заштита на националните интереси на Белорусија“.

Да потсетиме, Белорусија на 1 јануари годинава воведе ембарго за увоз на широк спектар на прехранбени производи од земји кои водат непријателска политика кон неа.

Согласно владината уредба „За примена на посебни мерки за одредени видови стоки“ донесена во декември 2021 година, забраната за увоз се однесува на голем број производи од ЕУ, САД, Канада, Норвешка, Албанија, Исланд, Македонија, Обединетото Кралство, Црна Гора, Швајцарија.

На списокот на храна чиј увоз е забранет се месни производи, кондиторски производи, млеко и млечни производи (со исклучоци), јаткасти плодови, овошје, зеленчук, живи свињи, животински масти и друго. Ембаргото нема да важи за храна за бебиња и некои други производи. Одредбите важат шест месеци. Во случај на натамошна негативна динамика на врската, листата на забранети производи може да се дополни, се наведува во соопштението.

Да потсетиме, кон петтиот пакет санкции на Европската унија против Белорусија, кон крајот на декември минатата година се приклучија и Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, како и Исланд, Лихтенштајн и Норвешка.

Слични содржини