Од денес Белорусија воведе ембарго за увоз на широк спектар на прехранбени производи од земјите кои воведоа санкции против официјален Минск, објави прес-службата на белоруската влада.
-Списокот на роба со потекло од ЕУ и нејзините земји-членки, САД, Канада, Норвешка, Албанија, Исланд, Северна Македонија, Обединетото Кралство, Црна Гора, Швајцарија, се забранети за увоз во Белорусија и продажба во Белорусија, се наведува во документот, објавен неодамна на порталот за правни информации при белоруската влада.
Декрет за ова прашање беше усвоен на 7 декември 2021 година и влијае на „широк опсег на стоки произведени во земји кои спроведуваат дискриминаторска политика и непријателство” кон Минск.
На списокот на роба чиј увоз е забранет се месни производи, сол, кондиторски производи, млеко, јаткасти плодови, овошје, живи свињи…Забраната нема да важи за производи увезени од белоруски граѓани за лична употреба, како и за храна за бебиња и многу други.
-Ембаргото ќе трае шест месеци. Во случај на натамошна негативна динамика на врската, листата на забранети производи може да се дополни, се наведува во документот.