Берлинската болница: Навални e целосно исклучен од механичка вентилација и може да се движи

од Nikola Popovski
164 прегледи

Рускиот опозиционер Алексеј Навални е отстранет од механичка вентилација и може да стане од креветот, соопштија од берлинската болница „Шерите“, каде се лекува откако бил отруен со нервен агенс од групата отрови „новичок“.

На Навални му се слошило во текот на летото во Сибир на 20 август, а по два дена бил префрлен во германскиот главен град на лекување, пренесува Би-Би-Си.

Неговиот тим тврди дека Навални бил отруен по наредба на рускиот претседател Владимир Путин, додека Кремљ негира каква било вмешаност.

Болницата „Шерите“ објави на Твитер дека здравствената состојба на Навални сè уште се подобрува и дека тој во моментов може да стане од кревет за кратко време.

Германската влада објави дека лабораториите во Франција и Шведска, исто така, ги потврдиле германските тестови кои утврдиле дека Навални е отруен со новичок.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека сега кога резултатите од тестовите се потврдени, тој не очекува никакви критики кон неговата земја, алудирајќи на одговорот на Кремљ. Русија тврди дека Германија не и ги соопштила сите детали за случајот.

Откако француската лабораторија ги потврди наодите од Германија, францускиот претседател Емануел Макрон разговарал на телефон со Путин.

„Претседателот изрази длабока загриженост за кривичното дело сторено против Навални и императив е да се расчистат сите околности и одговорност за овој обид за атентат, без одлагање“, соопшти кабинетот на Макрон.

Путин одговори дека ваквите обвинувања се „несоодветни“ без основа, објави Кремљ, повторувајќи го повикот до Германија да му ги соопшти сите детали за медицинските тестови. Кремљ додаде дека спроведува сопствена истрага и нема да дозволи притисок од други земји.

Слични содржини