Вчера беше регистриран рекорден број на 364 новозаразени со коронавирус за едно деноноќие, за само три дена во Македонија има дури 906 нови случаи со Ковид-19.
Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 28 септември до 04 октомври 2020г., тестирани се вкупно 9.832 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, 1,5% повеќе во однос на минатата недела.
Регистрирани сe 1.203 нови позитивни случаи од 31 град во државата, што претставува зголемување од 35,5% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=519; 43,1%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Берово – 192,3 на 100.000 жители.
Процентот на позитивни случаи од тестирани во овој период изнесува 12.2% или 3% повеќе во однос на претходната недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=239, 19,9%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=220; 18,3%), 50-59 (n=200; 16,6%), 30-39 (n=222; 18,5%) и 20-29 (n=194; 16,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=38; 3,2%) и 10-19 години (n=90; 7,5%). Во однос на минатата недела, најголемо зголемување на бројот на ново регистрирани случаи се бележи во возрасните групи од 20-29 години и 30-39 години, за 60% односно 46,1%, соодветно.