БЕСА ќе ја поддржи интерпелацијата: „Џафери нема кредибилитет да си ја врши должноста“

од Vladimir Zorba

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе поднесе интерпелација за собранискиот спикер Талат Џафери по „драмата“ во Собранието, кога претседателот на законодавниот дом по пријавувањето за збор ги заклучи вратите од собраниската сала.

Од движењето БЕСА за „Локално“ велат дека ќе ја поддржат интерпелацијата за Џафери, појаснувајќи дека тој „нема кредибилитет за да ја врши својата должност“.

-Талат Џафери очигледно дека после последните случувања нема кредибилитет за да ја врши должноста претседател на Собранието. Пратениците на Беса ќе поддржат интерпелација, но најважно од се е дека владејачкото мнозинство треба да сфати дека погрешно ја води државата и затоа треба да одиме на парламентарни избори час поскоро, објаснуваат од партијата на Билал Касами во изјава за „Локално“.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески претходно во изјава за „Локално“ истакна дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ намерно прават скандали со намера да предизвика инцидент.

-Намерата на пратениците од опозицијата е за секоја точка од дневниот ред сите да се пријавуваат за говор за да го одолговлекуваат времето. Но, вчера очигледно им падна енергијата, многу од нив не беа присутни во сала кога се отвори точката и видно нервозни за ситуацијата почнаа да пријавуваат пратеници за збор кои не беа присутни во моментот. Затоа, заради пребројувањето и читањето на пријавените како и секој пат досега во вакви ситуации се затвараат вратите за да нема влегување и излегување од сала. Вакви ситуации имало стотици во работата на Собранието, но нервозната опозиција прави скандал од се со намера да предизвика инцидент, вели Митрески.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Џафери направил кривично дело, го загрозил слободното движење на пратенциите, го прекршил Уставот и Деловникот.

Во вжештена атмосфера, тие бараа полиција да дојде за да ги отклучи вратите, и ја окупираа собраниската говорница.

-Талат Џафери, со своите диктаторски и непринципиелни методи не смее ни ден повеќе да го води законодавиот дом. Овој човек нема почит спрема никого, ниту спрема собраниската служба која ја вреѓаше и пцуеше на најбезобразен начин, ниту спрема пратениците за кои се дрзна да им го ограничи правото на движење и ги заклучи во пленарната сала. За Талат Џафери, не постои Деловник, не постојат човекови права. Овој автократ е влезен во филм дека никој ништо не му може и дека е недопирлив и затоа мора да си оди подалеку од храмот на демократијата, вели Мицевски.

Б.М.

Слични содржини