Бесент ја исклучува можноста ЕУ да користи „инструмент против принуда“ поради царините

Инструментот против принуда на ЕУ никогаш не е користен во историјата и се користи за ограничување на пристапот до јавни тендери, инвестиции или банкарски активности, како и за ограничување на трговијата со услуги.

од Vladimir Zorba
9 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/АП

Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, ја исклучи можноста Европската Унија да го користи својот инструмент против принуда поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на царините.

Бесент во интервју за CNBC изјави дека очекува следниот потег на Европската Унија да биде формирање работна група. Инструментот против принуда на ЕУ никогаш не е користен во историјата и се користи за ограничување на пристапот до јавни тендери, инвестиции или банкарски активности, како и за ограничување на трговијата со услуги.

Бесент денеска изјави дека верува оти европските влади нема да дозволат тензиите со САД околу планот за купување на Гренланд да „ескалираат“. Бесент ја отфрли „хистеријата“ за можна трговска војна.

„Зошто го доведувате ова до најлош случај?… Смирете ја хистеријата. Дишете длабоко“, им рече Бесент на новинарите на маргините на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос.

Тој додаде дека очекува да се најде „задоволително решение“, пренесува Ројтерс.

„Уверен сум дека ситуацијата нема да ескалира и дека ова ќе заврши на начин што на крајот ќе биде многу добар за сите“, рече Бесант.

Минатата сабота, американскиот претседател Доналд Трамп објави царини за увоз од земјите од Европската Унија кои се противат на преземањето на автономниот дел од Кралството Данска од страна на САД.