Бесими: Данок на екстра добивка како иницијатива од јавната дебата на дополнителна дискусија со стопанските комори

од Vladimir Zorba

Вонредните даноци се пракса во повеќе земји во светот кои во услови на вонредни состојби воведуваат даноци од привремен карактер за да ги коригираат дисторзиите на пазарот. Во економската теорија и политика, логиката на ваквите даноци се базира на редистрибуција на дел од неочекуваните високи приходи кои одредени компании ги стекнуваат заради конјуктурите во пазарот или други вонредни состојби. Во светот низ историјата има повеќе примери за такви решенија, пишува министерот Фатмир Бесими во својата редовна колумна.

„Слични иницијативи има и сега за време на енергетската криза, при што во некои земји се предлага т.н. Данок на екстра профит. Новата Влада на Велика Британија најави дополнителен данок на екстра добивка во висина од 35% за период 2023-2028 година за компаниите во енергетскиот сектор. Унгарија во мај 2022 година најави оданочување на екстра профитите во енергетскиот сектор, финансискиот сектор, авиотранспортот и трговијата на мало за период 2022-2023 година, при што за енергетскиот сектор таа достигнува висина од 65%. Во ноември во Хрватска беше најавено данок на екстра профит за сите компании со годишни приходи над 40 милиони евра, а кои оствариле добивка повисока од 20% од нивниот годишен просек за период 2018-2021 година. Минатата недела Италија најави данок на екстра профит во висина од 50% за компании од енергетскиот сектор кои имаат профит повисок од 10% од просекот 2018-2021 година и ќе се примени во 2023 година.

За време на јавната дебата за нацрт-Концептот за реформи на даночната политика од страна на повеќе чинители од општеството се покрена дискусија со предлози за воведување на данок на екстра добивка. Иако има повеќе примери на земји кои што пристапија кон воведување на данок на екстра добивка, тргнувајќи од принципот на инклузивност при дефинирање на економските политики, како што најавивме на заедничката прес-конференција за даночните реформи со Премиерот, тој предлог ќе го дискутираме дополнително со стопанските комори, додека во меѓувреме во Министерство за финансии се прават подетални анализи за фискалните и економските импликации“, истакнува тој.

Слични содржини