Бесими: Тесно соработуваме со Светската банка на новата Рамка за партнерство

од Vladimir Zorba
282 прегледи

Спроведување на реформите и политките коишто значат обезбедување одржлив развој, просперитет и конвергенција на приходите кон понапредните европски економии е клучот за справување и со демографскиот предизвик со кој се соочува земјата. Во остварување на оваа наша цел имаме поддршка од нашите развојни партнери. Ова го порача министерот за финансии Фатмир Бесими кој денеска учествуваше на Конференцијата посветена на 30-годишното партнерство помеѓу С.Македонија и Светска банка при што потенцира дека стареењето на населението и високиот степен на емиграција се клучни предизвици за нашето општество.

„Потенцијалното членство во ЕУ отвора единствена можност да се сменат или забават некои неповолни трендови. Тесно соработуваме со Светската банка на новата Рамка за партнерство со земјата за следниот четиригодишен период, за поддршка на структурни и институционални реформи. Најважните реформи се идентификувани во ажурираната Систематска дијагностика за земјата. Во новопредложениот План за раст на Западен Балкан, исто така, се предвидени средства за поддршка на реформите,како и други средства за финансирање на развојот”, рече министерот Бесими.

Тој напомена дека S.Македонија продолжува да работи на создавање инклузивен просперитет, забрзан и одржлив развој и попристојно место за живеење за сегашните и идните генерации и дека за тоа Владата презема чекори за зголемување на стапката на активност на населението со цел да го поттикне економскиот потенцијален раст и да ги вклучи маргинализираните групи во работната сила.

„Поддржуваме активни политики на пазарот на работна сила и претприемништвото, зголемени инвестиции во патишта и во инфраструктурата, одвојуваме повеќе средства за фискална децентрализација и промовирање рамномерен локален и регионален развој, поддржуваме зелената транзиција и дигиталната трансформација. При тоа, неопходно е да намениме повеќе ресурси и да посветиме повеќе внимание на политиката за промовирање на владеењето на правото и доброто владеење, борбата против неформалната економија и даночната евазија”, истакна Бесими.

Според министерот тоа е повеќе од потребно со оглед на тоа што С. Македонија, како и многу други европски земји, се соочува со огромни предизвици поврзани со стареење на населението, намалување на стапката на наталитет и висок степен на емиграција на младите луѓе, па дури и на цели семејства, од што се чувствуваат големи економски импликации, бидејќи губењето квалификувани работници може да претставува пречка за економскиот развој, а стареењето на населението ќе има и фискални импликации.

Слични содржини