Повисок економски раст од оваа година, пониско ниво на инфлација и продолжување на фискалната консолидација се очекувањата за наредната 2024 година како основни постулати во Буџетот, кој до средината на овој месец треба да се достави до Собранието на усвојување, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими денеска на средба со новинарите.
„Наредната година очекуваме поповолен тренд на раст на БДП од овој во 2023 година и да продолжиме со фискална консолидација која ја започнавме уште од 2021 година намалувајќи го буџетскиот дефицит од 8%, колку што беше во 2020 година на 4,6% оваа година и тој ќе продолжи да се намалува следната година кој ќе биде под 4% од БДП. Капиталните расходи, како и оваа година ќе бидат во износ над дефицитот, а средства ќе бидат предвидени и за антикризни мерки”, рече министерот Бесими.
Тој потенцира дека иако годината е изборна основните постулати ќе бидат обезбедување одржливи финансии и одржлив раст, односно дека растот ќе оди нагоре, односно над она што е планирано во 2023 година, а дефицитот надолу.
Во оваа година имаме реализација на капиталните инвестиции за 110% повеќе во однос на претходната година, а раст покажуваат и други параметри како инвестициите и домашната потрошувачка од која беше движен растот.
Надолен тренд се очекува кај инфлацијата, кој веќе е започнат и достигна 6,6% во септември, а се очекува тој да продолжи и во наредниот период и следната година да биде просечната инфлација двојно намалена односно околу 5%.
Во исто време, потенцира дека има реален раст кај платите, особено од април тие растат повеќе од инфлацијата.
Како што посочи наскоро ќе биде објавен деветтиот пакет антикризни мерки. Мерките ќе се спроведуваат до крајот на оваа година и на почетокот на следната година, а средства се одвоени во износ од 4,6 милијарди денари во Буџетот за оваа година со направената прераспределба усвоена во септември во Собранието и во Буџетот за наредната година. Ќе бидат насочени кон ранливите категории и за поддршка на компаниите.