Бесими во Брисел: Планот за раст на ЗБ е инструмент на ЕУ кој ќе поттикне забрзано спроведување на реформите

од Nikola Popovski
454 прегледи

Во Брисел денеска продолжува дијалогот на земјите од Западен Балкан со Европската унија, за Планот за раст на Западен Балкан. Делегацијата од РС Македонија, која ќе учествува на билатералните состаноци во Брисел ја предводи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Состанокот е дел од утврдените активности за имплементација на предложениот План за раст и се случува само една недела по одржување на иницијалниот состанок во Скопје на кој беше презентиран Планот, откако беше усвоен во Брисел. Фокусот на состанокот во Брисел ќе биде на приоритетните области кои ќе бидат опфатени со реформската агенда која земјата треба да ја подготви во рамки на овој процес и инвестициите што треба да ја поддржат таа реформа.

Интересот и на ЕУ и земјите од Западен Балкан, како што беше посочено на состанокот во Скопје, е овој процес да има брза динамика и бенефитите од него за земјите, граѓаните и бизнис заедницата побрзо да се почувствуваат.

Планот за раст на ЗБ е инструмент на ЕУ кој ќе поттикне забрзано спроведување на реформите, со цел забрзан економски раст и социоекономска конвергенција.

Toj се состои од четири столба, односно зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија, поттикнување на регионалната економска интеграција на Западен Балкан, забрзување на фундаменталните реформи и зголемување на финансиска поддршка за реформи и раст на земјите во регионот преку Инструментот за реформи и раст. Се очекува реформските агенди да бидат подготвени и доставени до ЕУ до почетокот на вториот квартал од 2024 година, а средствата со кои ќе се поддржат тие реформи веќе да почнат да се исплаќаат до крајот на следната година.

Слични содржини