Бета: Во нацрт-заклучоците на Европскиот совет засега нема ништо за разговорите Скопје-Софија

од Берта Китинска
198 прегледи

Во нацрт-заклучоците, што би требало да ги усвои Европскиот совет на Самитот закажан за 23 и 24 јуни, во кој имале увид агенцијата Бета и Еуроактив.рс, се наведува дека предложената Европска политичка заедница нема да ги замени постоечките политики на ЕУ, вклучително и проширувањето, туку ќе ги надополни, а земјите во процесот на европска интеграција од Западен Балкан се повикани да продолжат со реформите и ги решат отворените прашања.

Според нацрт-документот, Европскиот совет одржал „стратешка дискусија” за односите меѓу ЕУ и нејзините партнери во Европа и го разгледал предлогот за покренување на Европска политичка заедница.

– Заедницата ќе им понуди на европските земји надвор од ЕУ координативна политичка платформа што би се однесувала на Западниот Балкан, придружните земји од Источното партнерство и други европски земји со кои ЕУ има блиски односи, се наведува во нацрт-документот.

Целта би била да се забрза политичкиот дијалог и соработката за прашања од заеднички интерес, за да се зајакне безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

– Таквата рамка нема да ги замени, туку ќе биде комплементарна на постојните политики и инструменти на ЕУ, особено на проширувањето и целосно ќе ја почитува автономијата на одлучување на ЕУ, се вели во нацрт-заклучоците.

Европската политичка заедница беше предложена и застапувана од францускиот претседател Емануел Макрон, според кого, таа го надополнува процесот на пристапување во ЕУ и не е негова алтернатива.

Во заклучоците за Западен Балкан се наведува дека ЕУ ја изразува својата целосна посветеност на недвосмислената перспектива за членство на регионот во Унијата и повикува на забрзување на процесот на негова европска интеграција.

– Европскиот совет ги повикува Комисијата, високиот претставник и Советот и понатаму да работат на унапредување на прогресивната интеграција меѓу ЕУ и регионот за време на самиот процес на проширување на реверзибилен начин и заснован на заслуги, се вели во документот.

Истовремено, Европскиот совет ја нагласува важноста на реформите, особено во владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата, а се повикуваат партнерите од регионот да ги гарантираат и правата и еднаквоста на малцинствата.

Бета посочува и дека засега, во нацрт-документот не се споменува ништо за разговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.

– Патот на Северна Македонија кон ЕУ е блокиран поради билатералниот спор со Бугарија, кој ја погодува и Албанија, чиј што пристапен процес е поврзан со напредокот на Скопје, наведува Бета.
Во нацрт-заклучоците се додава и дека Европскиот совет ја потврдува итноста за постигнување видлив напредок во решавањето на отворените билатерални и регионални спорови, вклучително и во дијалогот Белград-Приштина, со цел постигнување нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово.

Слични содржини