Селекторот Александар Тодоров беше задоволен што кошаркарската репрезентација на Македонија стигна до првата победа во квалификациите. Свесен е сепак дека утре, во средбата со Естонија, ќе имаме уште потешка задача да дојдеме до посакуваната победа и пласман на Европсото првенство.
„Многу важна победа за нас, пред сè бидејќи ни дозволува да сонуваме до утре. Италија играше одлично прво полувреме, погоди девет тројки од 14 шута, постигнаа 53 поени и се и одеше од рака. Во соблекувалната, на полувреме зборувавме дека тоа не се реални проценти, во второто полувреме погодија 3/11, и во вторите 20 минути примивме двојно помалку поени. Уште еднаш ќе потенцираме дека нашата репрезентација е во процес на конструкција, дека во неа се вклучуваат некои млади деца, но никој нема да се сеќава на оваа победа, ако утре не победиме. Утре ќе имаме два тешки противника: силната естонска репрезентација и нашиот замор кој е уште поголем проблем, особено ако знаеме дека ќе играме без Ненад Димитријевиќ“, изјави Тодоров по мечот.