„Безбеден град“ ќе започне да казнува од 1. февруари

МВР ја пролонгира примената на проектот „Безбеден град“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Тв Канал 5

Министерството за внатрешни работи во одговор на медиумите за тоа како оди со тестирањето на системот за контрола на сообраќајот, вели дека нема да се стаса до крајот на годинава па „Безбеден град“ или „Сејф сити“, најверојатно ќе стартува од вториот месец на 2026 година, а не од 1-ви јануари, како што беше првично најавено.

За време на тестирањето, на повеќе локации беа забележани камери кои не реагираат на помали надминувања на дозволената брзина, а во одредени случаи немаше ниту опомени за значително побрзо возење. Дел од камерите, според увидот на терен, воопшто не мерат брзина или не се активни за автоматско казнување.

Од МВР велат дека ваквото однесување на системот е очекувано, бидејќи сè уште се наоѓа во тест-фаза и дека се разгледува воведување праг на толеранција за мали надминувања на дозволената брзина, како што е практика и во други европски држави. Одлуката за тоа, како што информираат од министерството, сè уште не е донесена.

Новиот датум за примена на „Безбеден град“ ќе важи на територија на Скопје, Тетово и Куманово, како и долж коридорите 8 и 10.

Одложувањето доаѓа во момент кога се разгледуваат и дополнителни корекции – дел од раководството на МВР последниве денови отвори можност за воведување толеранција во ограничувањето на брзината, со опција да не се казнуваат возачи кои возат 52–53 километри на час во зона каде дозволеното е 50.

-Првиот ден од тест-периодот регистрирани се 110.000 сообраќајни прекршоци во Скопје, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Законот ќе важи за сите, освен за возила на Брза помош и МВР во службени активности.