Бил Гејтс: Кризата во Европа е всушност добра на долг рок

од Nikola Popovski

Европската криза на снабдување со гас е всушност добра на долг рок, изјави за американските медиуми ко-основачот на Мајкрософт, милијардерот Бил Гејтс.

Тој верува дека тоа на крајот ќе ја принуди Европа да ја прифати обновливата енергија, додавајќи дека луѓето нема да сакаат да бидат зависни од рускиот природен гас. Воедно го претстави и својот план за преминување на обновлива енергија.

Гејтс, исто така, рече дека јавноста станала оптимист за тоа колку брзо може да се изврши транзицијата, признавајќи ја потребата да се најдат „неруски извори на јаглеводороди“, изјави тој за „CNBC“.

Елаборирајќи го ова прашање, основачот на климатско ориентираниот фонд „Breakthrough Energy Ventures“ објави есеј со наслов „Состојбата на енергетската транзиција“ на својот блог истиот ден. Зборувајќи за глобалната емисија на стакленички гасови, Гејтс истакна дека крајната цел „од 51 милијарда тони годишно на нула“ треба да се постигне во следните три децении.

Милијардерот истакна дека не би било во ред да се повлечат сите пари од секторот за фосилни горива, бидејќи така луѓето денес доаѓаат на работа, во зима успеваат да не замрзнат до смрт. Сепак, рече тој, не може да им се верува на пазарите сами да се движат кон обновливи извори, туку потребен е план за да се забрза процесот.

Опишувајќи го својот план, тој рече дека новите технологии за производство на чиста енергија треба да бидат дизајнирани и унапредени на „фер“ начин што нема да ги остави зад себе земјите во развој. Тој додава дека ќе биде неопходно да им се помогне на луѓето да се прилагодат на новите околности со финансирање на индустрии како што е „науката за култури“, во кои инвестираат Гејтс и неговата фондација.

ЕУ неодамна се согласи да ја намали побарувачката на гас за 15 отсто оваа зима „за да се подготви за можни прекини во снабдувањето со гас од Русија“.

Меѓутоа, на почетокот на овој месец, германскиот регулатор за природен гас откри дека земјата всушност користела 14,5 отсто повеќе гас во септември од петгодишниот просек, предупредувајќи дека недостигот е неизбежен доколку потрошувачите не намалат.

Слични содржини