Реакции за усвојувањето на резолуцијата за Сребреница: „Изгласувањето нема да придонесе за смирување на присутните високи тензии во регионот“

од Nikola Popovski

Тешкиот настан во Сребреница, пред точно 29 години, беше тема на вчерашната седница на Генералното собрание на ОН. За српската влада тогаш се случи страшно злосторство, за бошњачкиот геноцид, а своето мислење досега многупати сме го слушнале од останатата европска и светска јавност.

Овој пат изјаснувањето се однесуваше на Резолуцијата за Сребреница, чија содржина и тема во претходните денови уште еднаш ја подели јавноста по којзнае кој пат од 1995 година и започна тема која не можеше да се затвори речиси три децении.

Во 2015 година, откако беше ставено руското вето на предлогот да се гласа за Резолуцијата за Сребреница во Советот за безбедност на ОН, оваа тема беше повторно вратена во фокусот на јавноста во претходните месеци. Колку за потсетување, Македонија беше една од земјите кои беа коспонзори на резолуцијата, заедно со над други 30 земји, а предлогот беше на Германија и Руанда.

Што понатаму за Србија? 

Од српската страна велат, со оглед дека резолуциите на Генералното собрание на ОН се необврзувачки, нема да има никакви последици за официјален Белград. Од друга страна, аналитичарот и историчар Стефан Радојковиќ истакнува ваквата ситуација дополнително ќе ги влоши и онака лошите односи меѓу Бањалука и Сараево.

Стефан Радојковиќ

-Што се однесува до реакциите на Србија, освен зголемената реторика на нејзините највисоки претставници, не очекувам конкретни мерки и потези насочени кон Федерацијата Босна и Херцеговина или кон коспонзорите на резолуцијата, вели Радојковиќ за „Локално“.

Според него, тоа што се случи вчера сигурно нема да значи дека кој било народ е геноциден. Сепак, смета дека изгласувањето ќе биде искористено од Сараево и коспонзорите за да извршат дополнителен притисок врз Бањалука и Белград.

-Дополнително, тоа ќе помогне да се реактуелизираат злосторствата во Сребреница и меѓуетничките односи во БиХ, кои во последно време беа маргинализирани во меѓународните односи на глобално ниво, особено по февруари 2022 година, истакнува соговорникот.

Радојковиќ е дециден дека Белград нема да дејствува поконкретно и нема да преземе реципрочни мерки против Босна и Херцеговина и нејзините коспонзори, а тоа важи и за Македонија. Кога станува збор за бројот на гласови, оценува дека е успех на српската дипломатија и на српската дијаспора што помалку од 50% од членките на ОН гласаа за резолуцијата.

-На тој начин Србија покажува неколку работи: 1) не постои глобален консензус за прашањето на Сребреница; 2) моќта и влијанието на коспонзорите за резолуцијата не се толку големи како што се претпоставува; 3) потенцијалот за застапување и издржливоста на Србија не се занемарливи, а нејзините интереси исто така мора да се земат предвид во рамките на регионалните и глобалните односи меѓу земјите, заклучува тој.

Според политичкиот аналитичар и професор Зоран Стојиљковиќ, во Србија доминантен е ставот дека, без разлика на мотивите на иницијаторите на резолуцијата, во овој момент таа нема да придонесе за смирување на веќе присутните високи тензии во регионот, а постои страв дека дури и во форма што ги ревидира можностите, да се толкува како осуда на „геноцидната“ природа на целиот народ односно да се користи во таа смисла – кога тоа го бараат одредени политички интереси и климата на глобална поларизација.

Зоран Стојиљковиќ

-Се поставува и прашањето зошто се инсистира токму сега – три децении откако се случи геноцидот и зошто, на пример, Хрватска многу силно ги предупреди кандидатите за членство во ЕУ, каква ќе биде нејзината реакција на самото споменување на иницијатива да донесе слична резолуција за геноцид во Јасеновац. Таква клима создаваа долго време Вучиќ и Додик, сметајќи на веќе присутната глобална конфронтација и издигнувајќи ја резолуцијата на ниво на национален опстанок, вели аналитичарот за „Локално“.

Професорот тврди дека реакцијата на Вучиќ содржи и доза на агресија предизвикана од фрустрација и предупредува дека одлуките што се спротивни на позицијата на Србија ќе бидат основа за заладување на односите со оние што ги носат, бидејќи некои антимерки и санкции се неефикасни и спротивни на интересите на самата Србија.

-Тоа важи и за односите со Македонија, особено што нејзината позиција се смета за принудна и дадена под притисок. Не верувам дека тоа може да доведе до мерки како повлекување на амбасадорот, но може да доведе до повторно создавање клима на заострување на односите во регионот, објаснува Стојиљковиќ.

Тврди дека фактот што при гласањето бројот на земји кои ја поддржаа резолуцијата (84) беше речиси еднаков на бројот на оние кои беа воздржани (68) и против (19) покажува дека споменот на жртвите на геноцидот остана во сенка на глобалните формирани поделби на колективниот политички Запад и растечкиот БРИКС . Според него, Србија е во Европа и претставува далеку од нив.

Резолуцијата на ОН ја изгласаа 43,5 отсто од земјите-членки.

Меѓу оние кои гласаа против резолуцијата беа Србија, Кина, Русија, Унгарија, Белорусија, ДР Конго, Куба, Доминика, Еритреја, Науру, Сирија, Сао Томе и Принципе, Никарагва, Мали и Гренада.

Воздржани беа Грција, Словачка, Кипар, Емирати, Индија, Виетнам, Шри Ланка, Бразил, Бахреин, Аргентина, Алжир, Ангола, Мексико, Филипини, Нигерија, Непал, Оман, Панама и Ерменија.

Кога се говори за земјите кои гласаа за резолуцијата, меѓу нив беа САД, Велика Британија, Албанија, Австрија, Австралија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Чиле, Хрватска, Чешка, Данска, Исланд, Индонезија, Иран. , Ирска , Ирак, Италија, Јапонија, Либија, Луксембург, Кувајт, Литванија, Малезија, Малта, Црна Гора, Холандија, Нов Зеланд, Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Катар, Молдавија, Романија, Сан Марино, Саудиска Арабија, Словенија , Јужна Африка, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Тунис и Турција.

Н.П.

Слични содржини