Митрополитот Амфилохије беше погребан денес во подгоричкиот Храм на Христовото Воскресение. Неговата смрт длабоко ги погоди православните верници ширум светот, особено во неговата родна Црна Гора, што можевме да го видиме денес за време на погребот – море од луѓе кои се збогуваа од него.
Сепак, не сите гледаа на ист начин на веста за мртвиот митрополит, а веројатно најбизарниот пример за тоа е веста која ја објави германскиот таблоид „Билд“.
„Хомофобичниот црковен водач умре од корона“

Под овој наслов се наредени низа податоци и изјави, кои, според дел од српските медиуми, се целосно извадени од контекст, а потоа спакувани на крајно сензационалистички начин.
Така, во воведот, новинарот на „Билд“ пишува дека Митрополитот огорчено се борел против Владата на Црна Гора поради Законот за слобода на вероисповедта.
– Тој во тоа виде обид за експропријација на неговата „проруска“ црква со цел да се создаде посебна црногорска црква – пишува во текстот.
– Српскиот православен митрополит црногорско-приморски Амфилохије, почина во петокот на 82-годишна возраст. Тој беше заразен со коронавирус и подлегна на воспалението на белите дробови – продолжува „Билд“. „Фактот“ дека тој починал „од корона“ е исто така истакнат во насловот, иако беше објавено дека тој, неколку дена пред смртта, добил негативен тест на Ковид-19.
– Митрополитот и неговите приврзаници претежно ги игнорираа мерките за забрана на собири. И самиот тој ретко беше виден со маска на лицето – пишува „Билд“.
Потоа следи поентата на текстот и клучниот збор на нивниот наслов – „хомофобијата на покојниот митрополит“.
Така потсетија на евровизиската победа на Австриецот Кончита Вурст, што Митрополитот го нарече „пример за изгубен пат по кој се движи општеството“.
– Треба да размислиме дали овој пат е точен, и дали тоа што се случува е нормално и е дел од човечката природа – запраша тогаш митрополитот, што е наречено „лудо објаснување“ во редакцијата на „Билд“.
На „тапет“ во текстот се и хашките криминалци, како Радован Караџиќ, кој Амфилохије го „величеше иако беше осуден на доживотен затвор“.
На крајот, се посочува дека Амфилохије цврсто се залагал за проруските ставови, иако не се објаснува зошто се точно опасни тие ставови.