Бислимоски: Се разбира дека ќе се обезбеди природен гас и за потрошувачите во државата и за топланите

од Stefanija Kuzmanovska
210 прегледи

Пазарот за природен гас и од 1 јануари ќе продолжи да функционира. Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има издадено околу 12 лиценци за трговија и снабдување со природен гас, значи од тој аспект имаме учесници на пазарот коишто можат да учествуваат, порача денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

„Најголемиот потрошувач на нашиот пазар за природен гас е ТЕ-ТО и ТЕ-ТО своите потребни количини од природен гас ги има обезбедено и за 2023 година и тоа е некаде околу 70-75 проценти од вкупната потрошувачка на природниот гас во државата. Штом ТЕ-ТО има обезбедено природен гас се разбира дека ќе се обезбеди природен гас и за потрошувачите во државата и за топланите“, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на јавната расправа за предлог подзаконските акти за снабдување со природен гас во Стопанската комора.

Посочи дека сите учесници на пазарот беа повикани цело време да го следат текот на припремата на новите подзаконски акти и беа информирани дека од 1 јануари тие ќе стапат во сила и оти сите учесниците на пазарот на природен гас треба да учествуваат според новите правила што ќе бидат важечки од 1 јануари.

„Државата го има договорот со Газпром и апсолутно си го почитува до крај. Овој дополнителен капацитет од 500 илјади нормални кубни метри за којшто помогнаа Булгартрансгас и ГА-МА да се зголеми, ќе биде предмет на аукција и за тој капацитет ќе може да се јават, а и веќе се јавиле од бугарска страна двајца трговци со природен гас коишто го закупиле. Тие штом го закупиле сигурно дале пари за тоа се и заинтересирани да влезат и на нашиот пазар за природен гас. Значи, тие 800 илјади нормални кубни метри остануваат во функција и Газпром преку компанијата Макпетрол може да ги стави на располагање на македонските потрошувачи“, рече Бислимоски.

Слични содржини