„Оние економски оператори кои овие две недели ќе бидат затворени ќе бидат опфатени со нови мерки. Во моментов разгледуваме неколку модели кои ќе се базираат на покривање на дел од остварените приходи во последните месеци. Секако за споредба мораме да земеме месеци со кои би можеле да симулираме колку тие истите би направиле приходи доколку не се случи ова затворање. Во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, за сите настанати штети во економијата, како и досега, државата ќе излезе пресрет“, објави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во врска со најновите рестриктивни мерки и угостителските објекти.
Тој дополни дека како и во вонредната состојба, оние угостителски објекти кои вршат достава можат да продолжат истото да го прават и по полицискиот час, секако со соодветни дозволи за движење.
„Дополнително, во текот на денот можат да продаваат храна и пијалоци од шалтер (take away или to go) без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат“, соопшти Битиќи.
Според претседателот на НУК, Јосифовски, овој пат повеќето угостители нема да бидат во можност да ги задржат своите вработени бидејќи немаат материјални средства и бидејќи Владината помош, петиот пакет мерки, е заглавен во процедурите.
Од комората се на став дека по завршувањето на мерките Владата ќе мора да изготви нов план и мерки за рестартирање на овој сектор, по преимер на соседна Грција, и финансиска инекција со која би се покриле доспеаните обврски и трошоци.