Битиќи: Се разгледува нов модел со повеќе скалила за даночење

од Aleksandar Todeski
360 прегледи

Владата не се откажува од прогресивниот данок, туку само го замрзнува до почетокот на 2021 година. Економскиот советник на премиерот Заев, Фатмир Битиќи во емисијата Детектор вели дека во Владата се разгледува нов модел кој предвидува повеќе скалила за даночење, според кој оние кои имаат помали примања ќе плаќаат помалку данок.

„Целата структура на прогресивното оданочување ќе претрпи измена во насока на тие кои што имаат пониски примања можеби ќе имаат пониски даноци, токму тоа што јавноста го бара и во суштина нашето размислување е во насока на тоа што е перцепција и барање на јавноста и барање на јавноста, тие кои што имаат најмалку, секако најмалку да плаќаат и понатаму да има неколку скалила затоа што таквите примери давале поголеми резултати. Тие анализи се прават, сметам дека одложувањето дава доволно можност за да концепциски не се откажеме и ние не се откажуваме од прогресивното оданочување“, вели Битиќи.

Според поранешниот министер за финансии, Кирил Миновски фискалната политика не може да се менува секој ден.

„Сега во моментов се замрзнува прогресивниот данок, па повторно нешто ќе анализираме неколку години па ќе видиме што е најдобро решение. Тоа е повторно еден експеримент, една недоследност, испраќаме лош сигнал кон домашните компании, кон странските компании, кон граѓаните кон компаниите. Не може во економијата, во фискалната политика катадневно да менуваме концепти“, вели Миноски во емисијата Детектор.

Слични содржини