Битиќи: Уредбата за финансиска поддршка е шанса за работниците повторно да се вратат на нивните работни позиции

од Берта Китинска

За мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за април и мај во износ од најмногу 14.500 денари за која аплицирањето почна на 1 мај досега во Управата за јавни приходи (УЈП) се пристигнати над 12.380 апликации. Тоа е охрабрувачка бројка ако се знае дека до крајот на рокот остануваат уште три дена. Се очекува дека за мерката ќе аплицираат голем процент од компаниите што ги исполнуваат условите, рече денеска на прес-конференција Фатмир Битиќи, советник на премиерот.

Тој ги повика сите компании што се уште не аплицирале да го направат тоа што побргу преку системот за е-даноци на УЈП. Апликациите за користење субвенции за април треба да се достават најдоцна до 7 мај.

Како што потецира Битиќи, Уредбата за финансиска поддршка за исплата на платите овозможи компаниите коишто од 11 март до крајот на април отпуштиле одреден број работници сега да можат да ги вратат и на тој начин да ги искористат придобивките од оваа мерка. Тоа, потецираше, им дава голема шанса на работниците што во првиот налет на кризата ги изгубија работните места повторно да се вратат на нивните работни позиции.

-Станува збор за околу 2 000 работници во март и околу 7 000 работници во април. Тоа е апсолутно далеку од бројката од 100 илјади изгубени работни места со која што ВМРО-ДПМНЕ манипулира и ја дезинформира јавноста со намера да даде лажна слика за бројот на отпуштени работници, нагласи Битиќи.

Битиќи, на новинарското прашање за тоа дали ќе се прекинат одморите на вработените во администрацијата и дали ќе им се намалат платите, истакна дека се прави анализа и дека ќе се дејствува каде што е потребно.

-Правото на одмор е законско право на секој работник. При давање на одмор се пази на тоа да работниот процес не биде стопиран. Во сите институции каде дирекно треба да се одговори на барањата на граѓаните, сметаме дека нема да се направи таков чекор да трпи економијата или граѓаните, бидејќи тие се на одмор или заради одредени препораки. Со сите анализи сметам дека ниту во мај ниту понатаму во процесот нема да изостане услугите кон граѓаните да бидат подмирени во најкус можен рок, рече Битиќи, но не одговори ништо конкретно за намалување на платите на вработените во државната администрацијата.

Слични содржини