Биткоинот тоне – инвеститорите бегаат од ризични вложувања

од Даниел Ѓорѓиевски
170 прегледи

Цената на биткоинот падна под 78.000 долари, бидејќи инвеститорите се подготвуваа за продолжена нестабилност на глобалните финансиски пазари оваа недела. Овој пад следи откако минатата недела светските берзи го претрпеа најголемиот пад од 2020 година, како последица на новите американски царини за увозни стоки од остатокот од светот.

Според Coin Metrics, цената на биткоинот падна за 6,93 отсто, достигнувајќи 77.641 долар, откако поголемиот дел од годината се тргуваше над 80.000 долари, со исклучок на неколку краткотрајни падови под тоа ниво, предизвикани од минатонеделната нестабилност. Оваа цена е повеќе од 35 отсто пониска од рекордното високо ниво што биткоинот го достигна во јануари.

Цената на водечката криптовалута обично се движи слично како акциите на големите технолошки компании. Трговците често ја сметаат за водечки показател за расположението на пазарот. Но, минатата недела, и покрај падот на берзите, цената на биткоинот остана стабилна, движeјќи се меѓу 82 и 83 илјади долари.

Сепак, изминатата ноќ вознемирените инвеститори започнаа да продаваат криптовалути, со кои традиционално се тргува 24 часа на ден, поради очекувањата за нов пазарен потон во наредните денови. Одмаздничките тарифи воведени од Доналд Трамп ги засилија стравувањата од глобална рецесија и ги натераа инвеститорите да се повлечат од ризични инвестиции.

Во последните два дена од минатата недела, американските царини избришаа вкупно 7.460 милијарди долари од пазарната вредност на акциите во глобалниот S&P индекс – од кои 5.870 милијарди на Волстрит и уште 1.590 милијарди на другите големи светски пазари.

Сега се предвидува дека цените на биткоинот ќе продолжат да се движат во тандем со цените на акциите, бидејќи стравувањата од глобална рецесија ги засенуваат сите други вести кои потенцијално би можеле да влијаат позитивно врз криптовалутите оваа година.

Слични содржини