Битолска млекара за замрзнување на цените: Веруваме дека ќе се најде баланс меѓу интересот на потрошувачите и одржливост на домашната млечна индустрија

од Vladimir Zorba
307 прегледи

Најголемиот производител на млеко и млечни производи во Македонија, битолската млекара Бимилк ќе ги почитува одлуките на Владата во делот на замрзнување на цените на дел од прехрамбените производи.

Во изјава за „Локално“, од компанијата потсетуваат дека за помалку од четири месеци два пати ги намалиле цените на своите производи, свесни како што велат, за намалувањето на куповната моќ на потрошувачите. Како сето тоа ќе се одрази на производството, очекуваат да покаже времето.

-Таргетирани во намалувањето беа најпродаваните производи на млекарницата за да се добие вистински ефект од поевтинувањето и производи коишто се во истите категории опфатени со денешните мерки од Владата. Како компанија секогаш ги почитуваме одлуките и препораките донесени од Владата, а покрај тоа нашиот главен интерес секогаш бил и ќе остане потрошувачот да има достапност до производи со врвен квалитет. Во однос на мерката за замрзнување на цените и на млечните производи времето ќе покаже како ќе се одрази врз целиот производен процес, но ние веруваме дека ќе се најде балансот како да се излезе во пресрет на потрошувачите а истовремено да се обезбеди и одржливоста на домашната млечна индустрија, велат од Битолската млекара.

Владата вчера донесе одлука да ги замрзне цените на тестенините и млечните производи како и да ги укине царинските давачки за увоз на шпагети и тестенини. Цената на тестенините треа да се намали за најмалку 15 % или за 8 до 9 денари а на млечните производи за минимум 10 %.

Увозниците и производителите кои ќе ги намалат цените повеќе од предвиденото со одлуката, ќе бидат наградени, вети министерот за економија Крешник Бектеши изразувајќи уверување дека постојат општествено одговорни компании кои имаат простор да ги намалат своите профити и да ги намалат цените повеќе од предвидените 10% односно 15 %.

Сигурен е дека замрзнувањето на цените нема да предизвика штети кај компаниите и вети дека нема да се отстапува од донесените одлуки. Новите цени ќе важат од 16 март до крајот на мај.

Во меѓувреме се прават анализи за евентуална корекција на цените на јајцата, шеќерот и оризот. Претходно со одлука на владата замрзна цената на лебот бидејчи анализите и инспекциските контроли покажаа дека дел од компаниите не ги намалија цените иако користеа субвенционирана цена на електричната енергија.

К.В.С.

Слични содржини