Бизнисмени и вработени од С. Македонија ќе се вакцинираат викендов во Белград

од Stefanija Kuzmanovska
645 прегледи

Овој викенд во Белград ќе биде организирана вакцинација за бизнисмени и нивни вработени од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Албанија и Косово кои сакаат заштита од коронавирусот, изјави претседателот на трговската комора на Србија, Марко Чадеж, цитиран од балканскиот сервис на „Ал Џезира“.

Стопанската комора на Србија (СКС), во соработка со Владата на Србија, организираше имунизација на илјадници бизнисмени и вработени во компании и ќе продолжи со вакцинирање.

Како нов чекор во оваа акција, СКС обезбеди 10.000 вакцини за бизнисмени и вработени од регионот.

„Ние сме еден регион, нашите економии се тесно поврзани и само заедно можеме да го надминеме ова зло. СКС досега организираше вакцинирање на голем број наши бизнисмени и работници, а сега сакаме да им помогнеме на нашите соседи да успеат да ги зачуваат своите економии, бидејќи само на овој начин целиот регион може да оди напред“, рече Марко Чадеж, кој е исто така претседател на „WB6 CIF“ (Western Balkans 6 Chamber Investment Forum).

Како што додава изданието, тој исто така изјавил дека постапката за имунизација на бизнисмените од регионот е крајно едноставна.

„Потребно е само компаниите од регионот да контактираат со нивните стопански комори, кои ќе организираат вакцинација во Белград во координација со Српската стопанска комора“, рече Чадеж, објави СКС.

Слични содржини