Стопанствениците се како што велат, “затекнати’’ од најавената оставка на премиерот Заев.Иако според нив, е се уште рано за предвидување какви се реперкусии ќе има евентуалната реализација на ваквиот потег врз бизнисот,стравуваат дека ќе се соочат со нов вакуум период во кој ќе се запостави стопанството.
„Ние сме стопанственици и живееме и работиме единствено во светот на стопанството, за нас политиката не е предизвик. Стопанствениците исклучиво се заинтересирани за стабилни услови на стопанисување и пазари за работа, вели за локално.мк претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска. Она што е според неа е сигурно во случај на формирање на ново парламенарно мнозинство и предвремени парламентарни избори е дека ќе се случи делумна блокада во делот на инвестициските активности кои се двигател на стопанството.
Неумесно е сега да веруваме дека нема да почувствуваме промени во работењето, но историски гледано знаеме дека секоја промена на раководната структура води до промена и на системот на работење. Истовремено, ваквите вакум периоди ќе доведува до стопирање на дел од активностите поврзани со јавните набавки.Тука секако мораме да ги споменеме и тековните законски измени, носењето на новите закони, издавање на одредени дозволи за работа. Едноставно, во предизборните периоди се запоставува стопанството и сите економски активности, никој не зборува за бизнис, вели Трајковска.
Истиот став го дели и Ангел Димитров од текстилниот кластер. „Предвремени избори претпоставуваат уште поголема неизвесност и пад на економијата’’ , вели тој за локално мк. Посочува дека секој бизнисмен има потреба од предвидливост, стабилни услови,можност за долгорочно планирање. Во ситуацијата која е пред нас, дециден е тој, би се соочиле и со одложување на најавените поголеми инвестиции во енергетиката.
Досега многупати се докажало дека секои избори во земјата негативно влијаат на економскиот раст. Можеби причината за тоа е восоката партизираност на опшеството. Политичките партии навлегуваат во најситните пори на опшеството и ова мора во иднина да се промени.Република Северна Македонија се наоѓа пред голем расчекор помеѓу желбите и можностите. Сите сакаат европски плати и животен стандард, а имаме балканска продуктивност. Без инвестиции за промена на стопанската структура сметам дека уште долго желбите ќе ни бидат поголеми од можностите, вели Димитров.
Работодавачите посочуваат дека во услови на енергетска нестабилност, пазарна несигурност и инфлација, она што е ветено многу тешко ќе се реализира.Не знааат, велат што ќе донесе денот утре, но ако тоа значи нови избори, многу работи ќе стагнираат.
„ Пред се, ќе имаме застој во сите стратешки проекти, предвидените капитални инвестиции, пролонгирање на евроинтеграции, европски проекти значајни за бизнисот, одложување на странски инвестиции…Политиката е работа на политичарите, а бизнисмените имаат свои главоболки, да создадат поле за работа, да обезбедат пазар, да ги мотивираат вработените, да обезбедат личен доход, да работат на продуктивноста, вели Трајковска.
Од страна на стопанствениците веќе е вклучен алармот дека секое пореметување на и онака кревкото стопанство кое оваа година се соочува со невидени предизвици (Ковид пандемија, висока цена на берзанските метали, висока цена на енергенси, најава за недостаток на електрична енергија) ќе предизвика негативно придвижување, замирање на одредени капацитети. Оттука нивната надеж дека неизвесноста нема да трае долго и дека набрзо ситуациите ќе станат појасни. Очекуваат дека политичарите ќе смогнат сили и ќе го слушнат повикот за разумно решение во што е можно покус рок.
К.В.С.