Епидемиолошката состојба со Ковид-19 и вчера слична на претходните денови. Бројот на починати останува околу 30 дневно, но има мал пад на бројот на новозаразени. Вчера беа направени 4.511 тестирања, регистрирани 572 нови случаи, а починаа 30 лица/
Земјава бележи намалување на нови позитивни и смртни случаи од ковид-19, во однос на минатата недела. За една недела пријавени се 142 смртни случаи во 22 градови во однос на 194 од претходниот извештај.
Најголем дел од нив се од Скопје – 47, Струмица – 13, Куманово – 12 и Гостивар – 11.Според возраста најголемиот број од починатите се над 60 години.
– Се забележува намалување на заболените лица кај скоро сите возрасни групи, со најголемо намалување кај возрасната група од 20-29 години (за 40,1% помалку во однос на претходната недела), а кај возрасната група од 0-9 години се забележува зголемување од 11,8% во однос на минатата недела. – велат од Институт за јавно здравје.
Во болниците низ земјата, моментално се хоспитализирани 983 лица, а од нив 670 се на кислородна поддршка и 32 на механичка вентилација.
Досега со две дози се вакцинирани вкупно 623.361 лицe. По градови, најмногу вакцинирани има во Скопје, Битола, Прилеп и Куманово, а најмал број во Демир Хисар, Кратово, Кичево и Македонски Брод.
– Вакцинирани се вкупно 758.660 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Со една доза на вакцина против ковид-19 вакцинирани се 45,5% од населението над 18 годишна возраст, односно 42,1% од население над 12 годишна возраст. – велат од Институт за јавно здравје.
Иако се забележува намалување бројките на новозаразени и починати од ковид-19, според извештајот на Институтот за јавно здравје, Македонија се уште е во фаза на широка трансмисија на вирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 1.229.600 тестирање на Ковид-19.Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 184.277 бројката на оздравени пациенти е 165.077, на починати е 6.307, а бројот на активни случаи изнесува 12.893.