Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ја заврши својата најнова итна турнеја на Блискиот Исток со средба со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси.
Американските власти рекоа дека тој постигнал скромен успех во обидот да добие широка регионална поддршка за планирање на обновата и управувањето со Газа по завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас.
Арапските и муслиманските земји кои претходно не сакаа да започнат такво планирање, сега се договорија за време на четвртата посета на Блинкен на регионот од почетокот на војната во октомври.
Секоја земја што ја посети – Турција, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Грција, каде што беше, исто така, ветија дека ќе учествуваат во планирањето, но точниот придонес сепак треба да се одлучи.
Блинкен им рече на новинарите во Каиро дека за време на претходните посети немало подготвеност да се разговара за прашањата во врска со долгорочната стабилност и безбедност на регионална основа, но дека сега американските партнери се „многу фокусирани“ и сакаат да се позанимаваат со тие прашања.
„Тие се многу јасно подготвени да преземат чекори за да ги завршат работите, да ги преземат неопходните обврски за иднината на Газа и долгорочниот мир и безбедност во регионот“, рече американскиот државен секретар.
Арапската поддршка, сепак, не зависи само од завршувањето на конфликтот, туку и од отворањето на патот за создавање независна палестинска држава, на што се противи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Официјални претставници на САД, кои побараа анонимност, изјавија дека разговорите на Блинкен во Израел во вторникот биле најтешките при посетата.
Сепак, земјата се согласи да дозволи тим од инспектори на ОН да го посети северниот дел на Газа за да утврди дали е безбедно да се вратат жителите кои избегаа од израелската офанзива.
Покрај тоа, клучниот план за реформирање на палестинската управа, беше главна тема на средбата на јорданскиот крал Абдула Втори, претседателот на Египет и палестинскиот претседател Махмуд Абас, во средата во Акаба на Црвеното Море.
Блинкен рече дека палестинската управа ветила дека ќе спроведе реформи и дека промените ќе вклучуваат нова технократска влада, сузбивање на корупцијата, судски реформи и олеснување на медиумските ограничувања.
Американскиот државен секретар оцени дека зајакнувањето на безбедноста на Израел и создавањето палестинска држава се најдобриот начин да се спречат нападите на регионалните сојузници на Иран како Хамас, либанскиот Хезболах, јеменските Хути и разни милиции кои ги напаѓаат американските и странските интереси во Ирак и Сирија.
„Другиот начин е да се продолжи со тероризмот, негирањето и уништувањето од Хамас, Хутите, Хезболах, сите поддржани од Иран“, рече Блинкен.