Американскиот државен секретар Ентони Блинкен вети дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина, на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, во Давос, на маргините на Светскиот економски форум.
„Ние сме решени да ја задржиме нашата поддршка за Украина и тесно соработуваме со Конгресот за тоа прашање“, рече Блинкен за време на средбата со Зеленски, додавајќи дека знаел дека американските колеги во Европа ќе го сторат истото.
Изјавата на Блинкен доаѓа во време кога преговорите во американскиот Конгрес за одобрување на нов голем пакет помош за Украина, предложен од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден, се во застој.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан, кој исто така е во Давос, го увери украинскиот претседател дека САД и нивните сојузници се решени да се осигураат дека „Русија ќе загуби, а Украина ќе победи“.
Зеленски се заблагодари на администрацијата на Бајден и на двопартиската поддршка во американскиот Конгрес.
„Навистина сметаме на вашата поддршка, на продолжување на вашата огромна поддршка“, додаде Зеленски.
Тој го спомна американскиот систем Патриот, кој ѝ помогна на Украина во противвоздушната одбрана од руските ракети.
Администрацијата на Бајден го овозможи последниот пакет помош на крајот на декември, но републиканците во Конгресот ја условуваат поддршката за новиот пакет за Украина со драстично заострување на американската мигрантска политика.
Некои републиканци, вклучувајќи го и поранешниот претседател Доналд Трамп, кој се смета за фаворит за републиканската претседателска номинација во ноември, го изразуваат својот скептицизам во врска со помошта за Украина и нејзините шанси за победа против Русија.
Администрацијата на Бајден побара од Конгресот да одобри пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, но и за Израел и Тајван.