Блокиран имотот на Алексеј Навални

од Nikola Popovski
142 прегледи

Сметката во банка на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е замрзната, а неговиот стан во Москва бил конфискуван поради претходна судска постапка, додека тој се опоравувал од труење во болница во Берлин, изјавила неговата портпаролка Кира Јармиш.

„Ова значи дека Алексеј Навални не може да го продаде станот, донира или стави под хипотека“, рекла Кира Јармис на видеото објавено на нејзиниот профил на Твитер, пренесува Ројтерс.

Имотот на Навални бил конфискуван на 27 август поради судска постапка што ја водел со училишна кетеринг компанија.

Судот во Русија донел одлука во октомври минатата година дека Навални и неговите соработници мораат да платат отштета од 1,4 милиони долари за оцрнување на една училишна компанија за кетеринг, бидејќи на едно видео тие го довеле во прашање квалитетот на храната произведена од таа компанија.

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални бил пуштен вчера од берлинската болница, каде се лекувал откако, како што тврдат германските власти, бил затруен со нервниот агенс „Новичок“.

По излегувањето од кома, Навални соопштил дека сака да се врати во Русија.

Минатиот месец, Навални бил префрлен од Русија во Германија по наводното труење, а западните земји бараат објаснување од Кремљ, кој негира каква било вмешаност во инцидентот.