Одговорност за автобуската несреќа ќе има, а за тоа каде е направен пропустот ќе покаже истрагата, информира вечерва министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во изјава за ТВ Телма.
Тој очекува од Царинската управа да информира за сите детали, односно што прикажало возилото на граничниот премин, какви документи приложил превозникот при излез од државата и се останато што ќе биде потребно за целата постапка.
Министерот вели дека лично не бега од одговорност, но инсистира на разграничување на надлежностите.
„Ја информирав јавноста за целата состојба што ние ја знаеме. Сега останува да се преземат чекори и мерки од страна на институциите кои треба да ги преземат тие чекори. Јас апсолутно не бегам од одговорност зашто вчера ги кажав сите законски можности и кажав кои се надлежностите на Министерството, која е нашата работа во однос на овој случај. Државниот инспекторат за транспорт треба да биде контрола на терен и на она што го работат министерствата. Ние ја вршиме админситративната работа, ги издаваме лиценцигте, а дали компаниите работат според закон – контролираат инспекциите. Царинската управа, пак, е надлежна за границите. Таму треба да се бараат одговорите. Сите очекуваме, но тоа треба да биде темелно истражено и да се постапува, без притоа некој да биде изземен од одговорност“, истакна Бочварски.